Бројот на загинати во протестите во Иран се искачи на 538 лица, објави Ројтерс. Меѓу нив се 490 демонстранти и 48 припадници на иранските безбедносни сили. Досега се извршени околу 10.000 апсења.

И покрај националниот прекин на интернетот, на социјалните мрежи сè уште се споделуваат снимки кои наводно ја прикажуваат состојбата на терен во Иран.

Едно видео, за кое се тврди дека е снимено во источниот град Машхад, прикажува објект зафатен од пламен, по што може да се видат демонстранти како бараат засолниште зад остатоци и импровизирани барикади на улица.

Потоа се појавуваат силуети за кои се наведува дека се припадници на иранските безбедносни сили, кои пукаат од пешачки мост.

Претходно видео, пак, прикажува демонстрант како испишува графити на билборд над голема толпа луѓе во главниот град Техеран.

Претходно, Си-Ен-Ен повикувајќи се на двајца американски функционери, објави дека Трамп разгледува низа можни воени опции за Иран.

Многу од опциите што му биле претставени на претседателот се однесуваат на таргетирање на безбедносните служби на Техеран кои се користат за гаснење на протестите, истакнале американските функционери. Претседателот сè уште не донел конечна одлука за интервенција, но сериозно ја разгледувал можноста за акција додека бројот на загинати во Иран продолжува да расте. Опциите не вклучуваат ставање американски војници на терен, соопштил висок функционер од Белата куќа за Си-Ен-Ен.

Текстот (Видео) Иран во пламен – објавени нови снимки од протестите, додека бројот на загинати надмина 500 е превземен од МАКФАКС.