Речиси еден месец, младата либерал демократка Моника Зајкова е нова претседателка на партијата која беше избрана на осмиот партиски конгрес како единствен кандидат за функцијата. Зајкова, која досега беше потпретседателка на ЛДП и пратеничка во Собранието, го наследува Горан Милевски кој партијата ја водеше од 2015 година. Во интервјуто за Фронтлајн таа говори за политиките на ЛДП во однос на актуелните состојби и акцентира дека ни се потребни реални и остварливи политики, додека популизмот не ни носи ништо добро.
Зајкова ја истакна отвореноста на либерал демократите кон прашањата за ЛГБТ заедницата, и можноста да се озаконат еднополовите партнерства, потоа за легализација и депенализацијата на канабисот, бидејќи идеолошката позиција на оваа партија секогаш ќе се залага за индивидуата и потребата на човекот. Вели дека не треба да се плашиме од промени и предизвици и дека во моментов е најважно спроведување на европската интеграција.
Според неа државата треба да направи безбедносна стратегија за справување со сајбер нападите и како членка на НАТО да биде подготвена за сите ризици. Вели дека во 21 век етничките прашања се бесмислени и сите треба да размислуваме за заеднички подобар живот, додека радикалните десничари ги коментира како играчи со емоции и смета дека тоа е опасно.
„Патот напред ќе го проектираме со реални а не популистички политики. Зошто многу е лесно да зборувате популистички кога немате одговорност во спроведување на тие политики. Десничарите во услови на криза се во подем, но тоа е само играње со емоции и на долг рок се покажува дека ништо од тоа не е реално.“, вели Зајкова.
Превземено од Фронтлине.мк