– За борба против дезинформациите и пропагандата треба сите чинители во општеството да се вклучат за да не се отвори можност за манипулации и пропаганда. А за ова да се постигге треба напор и вклучување на повеќе елементи во општеството, вклучувајќи и медиумска едукација уште од најраната возраст. Проблемот со дезинформациите не е нов, тој постои веќе неколку години, и се шири и продира низ различни канали во нашите медиуми и социјални мрежи, нагласи главната уредничка на интернет медиумот „Порталб“ и медиумски проект на Фондацијата Метаморфозис, Елида Зулбеари.
„Во земјава повеќе проблем на ширење на дезинформации гледаме кога има разни поголеми настани, како референдуми, избори, тогаш гледаме посилен бран на ширење дезинформации, без разлика дали се создадени во земјата или надвор“, нагласи Зулбеари.
Таа понатаму вели дека целта на дезинформациите во земјава, како што приметивме во фондацијата Метамерфозис, која се занимава со борба против дезинформациите речиси 12 години, е да се дестабилизира државата и да се создаде недоверба во демократијата.
„Кога во едно мултиетничко општество има недоверба, тоа може да биде многу опасно и може да и нанесе голема штета на нашата земја„ вели Зулбеари, додавајќи дека професионалните медиуми се во постојана борба со дистрибутерите на дезинформации и се обидуваат преку нивната професионалност да успеат да ја распределат точната информација за да има право граѓанинот да добива точни, проверени информации.
Борбата против дезинформациите не може да ја направи само еден чинител во општеството, вели Зулбеари, нагласувајќи дека не може само медиумите да се борат со дезинформациите.
„За да се постигне сеопфатен ефект, многу актери кои имаат свои дефинирани задачи мора да се борат заедно и секој да си ја врши својата задача.
Како начин за борба против дезинформациите таа нагласи дека треба да се обезбеди медиумска едукација во училиштата уште од најрана возраст за да се постигне своевидно негување на критичко размислување кај младите кои ќе можат да ги препознаат дезинформациите уште од мали нозе, со тоа што и новинарите треба да ги почитуваат новинарските принципи.
„Ќе бидат отпорни, нема да станат плен на дезинформации за да бидат изманипулирани и измамени“, кажа Злубеари во однос на внесувањето на едукацијата за медиуми.
Во однос на борбата со дезинформации, таа потенцираше дека тука се и невладините организации како Метаморфозис, кои продолжуваат со услугите за верификација на фактите, во кој членуваат специјализирани новинари кои се занимаваат со разсветлување на дезинформации што се шират преку социјалните медиуми.
Како последен елемент за борба со манипулациите таа ја нагласи транспарентноста.
„Секогаш кога Владата и институциите отворено ги даваат своите информации, тогаш ја избегнуваме можноста некој да манипулира во отсуство на факти. Тие мора да бидат достапни и да овозможат слободен пристап на другите новинари и на тој начин сите актери да стигнат до општество кое ќе биде отпорно на дезинформации“, порача Зулбеари.
Интервјуто е дел од проектот „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“ кој Цивил го спроведува во партнерство со Youth4Media (Y4M), со поддршка од Владата на Северна Рајна-Вестфалија, Дизелдорф, Германија.
Назми Абдурахмани
Камера и монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Дехран Муратов
Преземено од Цивил Медиа