Бoјаровски: Во нашата земја имаме лидери на политички партии кои се извори на дезинформации
Новинарот Зоран Бoјаровски во интервју за ЦИВИЛ Медиа, состојбата со дезинформациите и пропагандата ја оценува како многу сериозна и става акцент на нагласените хибридни закани со кои се соочува земјава во последната деценија.
„Состојбата е многу сериозна, а тоа е така бидејќи дезинформациите, хибридните закани и пропагандата во последната деценија станаа изразито нагласени“, вели Бојаровски.
Тој додава дека под влијание на трети страни се нападнати важни теми на нашето општество како што се мултиетничкиот концепт и прашањето на внатрешната стабилност и демократсткиот систем.
„Во нашата земја тоа се влијанија на трети страни кои таргетираат многу чувствителни теми на нашето општество, теми на кои се потпира нашето општество, а тоа е мултиетничкиот концепт на државата, нашата тендеција да бидеме дел од ЕУ и прашањето на внатрешната стабилност и демократсткиот систем. Тие компоненти нападнати од дезинформациите ја прават нашата ситуација многу сериозна и тоа е нешто што бара соодветен одговор токму од оние кои се најповикани да ги одбранат овие чувствителни теми во нашето општество од овие влијанија“, додава Бојаровски.
Одговорите за справување со ваквата пропаганда тој вели дека треба да се бараат кај најзасегнатите страни и додава дека институциите мора да ги сфатат сериозно ваквите закани и да изготват стратегии, но вели дека тоа не е доволно за нејзино спречување.
„Институциите оваа закана да ја сфатат најсериозно и стратегиите и концептите за справување со дезинформациите на ниво на институциите, на ниво на државна организација мора да биде поставена стратешки и мора да се изготват стратегии, но тие не се доволни, тие мора да бидат спроведливи, да бидат ефикасни решенија и да се види дека даваат резултати“, вели новинарот.
Понатаму, Бојаровски ја наведува медиумската писменост како една од главните компоненти за справување со ширењето на дезинформации. Тој вели дека од исклучителна важност е да граѓаните имаат изградено филтер за да можат да препознаат што е точна, а што неточна информација и наведува дека одговорноста мора да биде поголема кај оние кои треба да бидат во заштита на информациите.
„Ние во нашата земја имаме лидери на политички партии кои се извори на дезинформации кои се констатирани во Брисел и во други меѓународни организации. Вие имате лидер на политичка партија кој покренува сериозни протести со елементи на насилство направени врз основа на дезинформации дека македонскиот јазик го нема во преговарачката рамка за ЕУ“, вели Бојаровски.
„Она што го напаѓаат дезинформациите е стабилноста на системот, тие се оружје кои го напаѓаат системот со цел да предизвикаат недоверба“, вели Бојаровски и додава дека доколку имате серија напади врз институциите кои покренуваат прашања за сомневање, тој црв на сомневање кај граѓаните ќе почне да работи, а тоа предизвикува помало учество и партиципација на граѓаните во општествените процеси и тоа може да доведе до слаба излезност на изборите, што остава простор да дојдат до израз радикалните политички структури, кои се крајно левица или крајно десница, кои се извори на тоталитаризам.