Македонската музичка атракција Brass Brothers ја промовира својата нова песна, „Inseparable”. Музиката и аранжманот се на фронтменот на Brass Brothers Горан Мицевски Кус, текстот е на Ник Де Карло. Аранжманот на песната Ненад Тодоровски – Todd Haze, Ристе Шандаров и Горан Мицевски Кус Brass Brothers со албумот „Balkan Mayhem” носат нов звук на македонската музичка сцена, а и пошироко. Тие се првиот музички бенд кој DnB звукот го збогатуваат и комбинираат со Brass секција. „Inseparable” е првата песна од нивниот албумот „Balkan Mayhem”.
„Balkan Mayhem” е енергичен, моќен, оригинален и креативен албум, полн со живот и во стилот на Brass Brothers со уникатен DnB звук и апсолутно позитивна енергија и порака и истиот е наменет и за странскиот пазар’, ни потврди Горан Мицевски Кус, кој се јавува како автор на сите песни од албумот.
Brass Brothers е формиран пред 8 години и во него членуваат Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетоски (саксофон), Пере Мелов (труба), Николче Михајловски (Dj) и Ник де Карло (туба). Низ годините Brass Brothers функционираше како кавер бенд и зад себе имаат една авторска песна на македонски јазик „Време Невреме”. „Inseparable” е достапна на сите дигитални платформи за слободно преслушување и се наоѓа на повеќе од 150 дигитални музички продавници.
„Албумот го работевме во време несвојствено за нас, за нашата енергија и мисија. Го работевме во време на пандемија, изолираност, одалеченост и неизвесност, со тежок предизвик во однос на финансии. Но и покрај сите предизвици и потешкотии најголемата финансиска поддршка ја добивме од најпогодените во оваа пандемија, македонските ноќни клубови и кафе барови од повеќе градови од државата. Истите покажаа огромна поддршка и солидарност и овозможија реализација на видеозаписите на еден од првите DnB албуми на овие простори”, изјави Горан Мицевски Кус.
Видео записот за „Inseparable” беше делумно поддржан од кафе барот „Камарите” од Битола, на кој Brass Brothers им изразуваат посебна благодарност.