Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама гостуваше во емисијата на Џими Кимел, а легендарниот водител успеа повторно да ѝ постави непријатно прашање на својата гостинка.
Мишел покрај тоа што зборуваше за времето поминато во карантин со своето семејство, оваа пригода ја искористи и да го промовира своето ново кулинарско шоу „Waffles + Mochi“. А водителот Кимел не ја пропушти можноста да ѝ постави и едно непријатно прашање, кое во минатото веќе ѝ го поставил, но таа вешто го одбегна одговорот.
„Дали онаа ноќ, кога тимот на специјалци го фати Осама Бин Ладен по наредба на вашиот сопруг, го праславивте тоа случување со водење љубов?“, ја праша Кимел, на изненадување на многумина.
Мишел и овојпат се снајде со одговорот на ова прашање.
„Морам да ѝ кажам на твојата публика дека, од некоја многу болна причина, ти си опседнат со тој детаљ од тој огромен историски настан. Никој, во историјата на сите разговори што сум ги водила, никогаш не бил толку заинтересиран за тоа како тебе, Џими Кимел“, одговори Обама.
„Ти сè уште си тоа мало момче во својата соба, под ќебе со фенерче, кое се надева дека никој не го гледа“, додаде таа, а одговорот беше проследен со смеа од публиката.