Пописот во Северна Македонија се одлложи затоа што македонските партии од власта и опозицијата не беа заинтересирани за негово спроведување, вели заменик директорот на Државниот завод за статистика, Илми Селами во интервју за порталот Zoom.mk.
Селами смета дека реакциите на СДСМ во однос на кампањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за одложување на пописот биле бледи.

„Мене ми беше чудна реакцијата на СДСМ, не само во однос на ВМРО-ДПМНЕ, туку и кон пописот. Чудно беше што Албанците повикуваа на попишување на дијаспората, но тоа не го правеа македонските политичари. Имаше два или три повици, каде беа другите политичари“, се прашува Селами.

Тој препознава страв кај македонските партии да се влезе во спроведување на пописот.
„Ако ги согледувате сите состојби и потези на политичките партии и сите процеси претходно и сега, се провлекува таа нишка од зборот Албанец, од бројка на Албанци, што чинам се рецидиви од минатото, кога на се што беше албанско се гледаше како деструктивно, како нешто што ќе биде упадливо во системот и ќе направи некаква си катастрофа“, оценува Селами.

На прашањето дали паѓањето на процентот на етничките Македонци под 51 може да го објасни стравот на македонските партии од попис, заменик директорот на ДЗС вели дека секое негово претскажување значи голема веројатност да се погреши во проценката.

„Колку се луѓето, толку се. Ништо не губиме од реален попис. Губиме ако прикажуваме нереални бројки, потенцира Селами.
Во врска со стравувањето во јавноста дека во наредните шест месеци е можно да се изврши упад врз онлајн апликацијата за попишување на дијаспората, тој вели дека таква опасност постои, но гарантира дека ако утврди таква намера, веднаш ќе поднесе оставка.

„Упад е можен, тоа е електроника, софтвер. Доколку се направи било каков упад, самиот систем покажува. Тогаш ќе треба да се направат проверки што било тоа и да се преземат соодветни мерки. Прв најситен упад, ќе дадам оставка и ќе си заминам дома ако се утврди намерата да се менуваат бројки“, уверува Селами.

Според него, добро е што се одложи пописот со цел да се обезбеди инклузивност на процесот, но предупредува дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема никаков изговор да го бојкотира пописот во септември и ако се случи тоа тогаш ќе се покаже дека Мицковски мисли само за неговата столица и власт, а не за граѓаните и државата.

„Зарем за една плескавица ќе заколете едно теле?! Да се трошат попусто 7 муилиони евра пари на граѓаните само ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт тоа е нездрава работа“, заклучува Селами./Zoom