Стотици демонстранти се собраа во Прага, Чешка во неделата со празни чаши за пиво да протестираат против затворањето на пабовите и рестораните во земјата, објави Блумберг. 

Чешка повторно воведе мерки ковид-19 пред Божиќ поради наплив на инфекции, што вклучуваше затворање на барови, ресторани и хотели.

Демонстрантите, од кои многумина работат во угостителската индустрија, запалија свеќи во чашите за пиво и ги поставија во линија што се протега на околу еден километар од центарот на градот до владините згради.

На баровите и рестораните им беше дозволено повторно да се отворат на 3 декември, бидејќи стапката на инфекција се намалуваше, но тие беа принудени повторно да ги затворат вратите на 27 декември кога случаите повторно почнаа да се зголемуваат.

Премиерот Андреј Бабиш ја нарече одлуката фрустрирачка, но неопходна.

Тој рече дека владата ќе ги обештети деловните субјекти за загубите.

На сите продавници, освен оние што продаваат основна стока како храна и лекови, исто така им е наредено да затворат.

Рестораните во Чешка, познати по најголемата потрошувачка на пиво по глава на жител во светот, беа затворени за време на првиот бран на епидемијата во пролетта, а потоа и во поголемиот дел од есента.

Чешка, со 10,7 милиони жители, од март досега забележа 747.000 потврдени случаи на Ковид-19 и над 12.000 смртни случаи.