Доколку не се прифатат нивните барања за намалување на бројот на предмети за полагање во рамките од државната матура, средношколците најавуваат дека во март ќе кампуваат пред зградата на Владата. Претставникот на Унијата на средношколци Бленди Ходаи ова го кажа по средбата со премиерот Зоран Заев.

Нема конкретни детали за што е разговарано, се очекува и став од Владата, но Ходаи вели дека не отстапуваат од нивните барања.

-Ако не се најде решение до крајот на февруари, ние ќе кампуваме од први март. Ќе има многу притисоци и од амбасадите и мора да биде најдено некое решение одредени наши барања да бидат прифатени. Ние сме децидни за нашите барања, но секако сме отворени да најдеме решение, вели Ходаи.