Победничката на еден избор за убавина во Шри Ланка се здоби со повреди на главата откако на сцената дојде до конфликт за време на доделувањето на титулите.

Пушпика Де Дилва ја освои титулата за најубава госпоѓа во Шри Ланка, а свеченоста беше пренесувана на националната телевизија. Меѓутоа, неколку моменти подоцна добитничката на оваа титула од 2019 година, Каролин Јури, и ја одзеде круната на Де Силва, тврдејќи дека титулата не може да и биде доделена бидејќи таа била разведена.

Имено, правилата на изборот налагаат натпреварувачките да бидат венчани и дека не смеат да бидат разведени.

„Постои правило кое спречува да се натпреваруваат жени кои се омажиле и развеле па токму затоа го правам овој чекор круната да ја добие второпласираната жена“, изјави Јури пред публиката во салата. Таа и ја одзема круната на победничката и ја стави на главата на второпласираната, а Де Силва во солзи ја напушти бината.

Подоцна таа на Фејсбук напиша дека морала да оди во болница поради повредите на главата кои настанале додека Јури и ја отстранувала круната од главата.


Организаторите подоцна и се извиниле на Де Силва и ѝ ја вратиле круната бидејќи како што било утврдено, таа не била разведена, туку со нејзиниот сопруг во моментот живееле одвоено. „Каролин Јури срамно се однесуваше на сцената, а организацијата „Mrs World“ веќе започна истага за тоа прашање“, изјави сопственикот на лиценцата Чандимал Јајасинге.

„Вистинска кралица не е жената која ќе ја украде круната од друга жена, туку жената која дискретно ќе ја поправи круната на друга жена“, заклучи Де Силва.