Хамас објави видео во кое се тврди дека го прикажува израелско-американскиот заложник Едан Александар, кој е држен во Газа откако беше киднапиран од палестинските милитанти на 7 октомври 2023 година.

Во видеото младиот човек се претставува како Едан Александар и наведува дека во Газа е 551 ден. Се чуди зошто се уште е таму и моли да го ослободат.

Монтираното видео е објавено пред еврејскиот празник Пасха, кој ја слави слободата. Семејството на Александар објави соопштение во кое вели дека празникот нема да биде празник се додека Едан и другите 58 заложници останат во заробеништво во Газа.

За време на војната, Хамас веќе објави видео снимки од заложници кои молат за нивно ослободување. Израелските власти претходно ја отфрлија снимката како пропаганда наменета за притисок врз нивната влада. Војната трае веќе година и пол.

Хамас ослободи 38 заложници според договорот за прекин на огнот што започна на 19 јануари. Во март, израелската влада ги продолжи копнените и воздушните напади врз Газа, ставајќи крај на кревкото примирје.

Израелските власти велат дека воената кампања ќе продолжи се додека не се ослободат 59-те заложници и додека Газа не се демилитаризира. Хамас инсистира дека ќе ги ослободи заложниците само како дел од договорот за завршување на војната и ги отфрли барањата да го остави оружјето.

САД, Катар и Египет посредуваат меѓу Хамас и Израел.

Војната започна кога милитантите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври 2023 година, убивајќи околу 1.200 луѓе, според израелските власти. Одмаздата на Израел уби повеќе од 50.000 Палестинци во Газа, според здравствените власти на енклавата. Речиси целото население беше раселено, а Газа беше уништена.