Грета Тунберг го обвини Израел дека ја киднапирал неа и нејзините пропалестински активистички поддржувачи во меѓународни води, велејќи дека одбила да потпише документ со кој потврдува дека нелегално влегла во земјата пред да биде депортирана, објави Ројтерс.

Зборувајќи во зоната за пристигнувања на парискиот аеродром Шарл де Гол откако беше депортирана од Израел, шведската активистка рече дека таа и нејзиниот тим не прекршиле никакви закони и побара итно ослободување на активистите што сè уште се во Израел.

„Бев многу јасна во моето сведочење дека бевме киднапирани во меѓународни води и донесени во Израел против наша волја“, рече таа.

Израелската војска објави неколку видеа и фотографии од Грета Тунберг. Според шведскиот „Афтонбладет“, таа вели дека сè уште не ги видела.

„Веројатно објавиле неколку видеа. Извршено е нелегално дело со тоа што нè киднапираа во меѓународни води и против наша волја“, рече Тунберг.

Израел го нарече бродот „селфи јахта“, а екипажот „познати личности“. Но, Тунберг ги отфрла тврдењата дека станува збор за медиумски трик и вели дека е знак на солидарност. „Нашиот последен брод, со кој се обидовме да отидеме, беше двапати бомбардиран. Постојат многу докази дека Израел стоеше зад тоа. Сега се качивме на помал брод бидејќи тоа беше единствениот што го имавме“, рече таа.