Пожарот што синоќа избувна во објект на хрватската компанија „ЦИАК“ во Забок, која складира и третира опасен отпад, е ставен под контрола, соопшти претседателот на Противпожарната заедница на Крапинско-загорската жупанија, Стјепан Скулибер, пренесе Танјуг.
„Пожарот сè уште не е целосно изгаснат, но е под контрола. На терен останаа седум пожарникари со три возила, а во текот на утрото ќе продолжи догасувањето и внатре во објектот“, изјави Скулибер.
Тој потврди дека вработени од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршиле мерења на квалитетот на воздухот на местото на пожарот и во околните населени места Забок, Орославје и Велико Трговишче, а резултатите се очекуваат во текот на денот.
Околу 3:30 часот наутро, жителите на Хрватско Загорје добиле предупредувачка порака преку системот HR112 ALERT за потенцијална опасност поради пожарот во компанијата ЦИАК од Забок.
Компанијата во индустриската зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори, а локалните медиуми објавија дека на терен биле ангажирани повеќе од 60 пожарникари. Според порталот Zagorje.com, целата зграда била зафатена од оган и се слушале експлозии, при што станува збор за објект во кој се складира опасен хемиски отпад.
На местото на настанот пристигнала и градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек, која изјави дека дел од конструкцијата веќе е урната, но дека во тој момент немала дополнителни информации.
Од полицијата за Хина изјавиле дека пожарникарите интервенираат и дека засега не можат да дадат повеќе детали. Хрватските медиуми наведуваат дека во гаснењето учествувале пожарникари од јавната пожарникарска станица на Загорје и уште осум доброволни противпожарни друштва од околината.
Текстот (Видео) Голем пожар во Хрватска: Над 60 пожарникари на терен, се слушале експлозии е превземен од МАКФАКС.























