Спроведувањето на францускиот предлог ќе биде строго следено. Нема билатерален проблем меѓу Софија и Скопје, туку меѓу Брисел и Северна Македонија.

Ова за БГНЕС го изјави шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, пренесува Трибуна.

„Бугарија останува исклучително доследна во однос на политиката кон Западен Балкан и европската интеграција на сите земји од регионот. Во 2022 година беше постигнат европски консензус (францускиот предлог), кој строго ќе се следи. Секоја земја мора да ги почитува критериумите, да се придржува до нив. Членството во ЕУ се заснова на сопствените заслуги“, рече тој.

Георгиев истакна дека „Бугарија и Владата остануваат апсолутно непоколебливи и посветени на овој пристап“.

„За нас безбедноста и европската интеграција на Западен Балкан е исклучително важна. Ова е инвестиција во стабилноста на цела Европа и ние го препознаваме како земјата која во 2018 година го започна, го охрабри и катализираше овој процес. Ги знаеме и ги чуваме нашите национални интереси и интересите на целата Европска унија. Постигнатиот договор не е билатерално прашање меѓу Софија и Скопје, а меѓу Брисел и нашите соседи од Северна Македонија“, категоричен е шефот на бугарската дипломатија.