„Бугарската влада останува доследна на ставот за европската интеграција на земјите од Западен Балкан. Ние го помагаме, поддржуваме, но и го набљудуваме исполнувањето на соодветните критериуми. Загрижени сме што македонската страна се обидува да го претвори прашањето во билатерално. Тоа не е такво. Ако има отворено прашање, тоа е меѓу Скопје и Брисел. Бугарија е членка на ЕУ и го заслужи своето високо место во Унијата. Затоа, повикуваме да не се шпекулира на темата проширување на ЕУ. Нашата улога во поддршката на проширувањето не може да се оспори“, изјави министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев на брифингот во Минхен, каде што се одржува Минхенската безбедносна конференција.

„Имав можност да го потсетам мојот македонски колега за содржината на европскиот консензус и договорот од 2022 година. Исто така, треба да нагласам дека природата на нашите односи нема никаква врска со нивните односи за влез на Скопје во ЕУ и исполнувањето на критериумите за тоа“, посочи тој.

„Ништо не може да се реши за Украина без Украина. Завршувањето на конфликтот е најважно, но Киев мора да ја одигра својата улога во преговорите за условите. Европа прави напори да испрати колективен сигнал и да го покаже своето место на преговарачката маса, но и да се осигура дека условите ќе бидат во корист на Киев. Глобалните предизвици во моментов се многу. Затоа мораме да ги одржуваме добрите трансатлантски односи. САД и ЕУ се најголемите партнери. Тие можат да го одржат светскиот мир. Инвестицијата во овие односи е од исклучителна важност“, заклучи шефот на бугарската дипломатија.