Предвремени избори во Бугарија се неизбежни затоа што актуелниот парламент што беше избран на 4 април нема политички потенцијал да формира стабилно мнозинство, вели Димитар Ганев, извршен директор на Институтот ТРЕНД од Софија, во ексклузивно интервју за порталот Zoom.mk.
Ганев смета дека претседателот Румен Радев може да именува техничка влада, која во јули ќе треба да организира предвремени избори и второ партијата на шоуменот Славе Трифунов да формира влада со сите противници на ГЕРБ на Бојко Борисов.
„Борисов нема да може да состави влада во рамките на овој парламент. Но и покрај, тоа тој е прва политичка сила и има две варијанти за развој на ситуацијата. Дури и да се формира влада без Борисов, треба да имаме предвид дека истата нема да издржи долго време. Најверојатно ќе има одредена програма, лимитиран мандат, така што предвремените парламентарни избори во Бугарија се неминовни. Не знаеме само точно кога ќе се спроведат“, предвидува Ганев.
Тој тврди дека најголемо изненадување на изборите во Бугарија е партијата на шоуменот Трифунов, кој стана втора политилка сила во земјата, иако истражувањата пред изборите ја рангира како трета.
„Во суштина изненадувањето доаѓа од таму што во последните неколку денови се мобилизираше јако младинско гласање, протестно гласање, што успеа да биде акумулирано од Слави Трифонов. Бидејќи гласачите на БСП се возрасни луѓе, дел од нив не излегоа на гласање, поради стравување поврзано со здравствената состојба околу Ковид-19“, оценува Ганев.
Според него, Трифунов не може да коалицира со ГЕРБ бидејќи пред изборите ветил дека нема да соработува со старите партии.
„Трифонов фактички успеа да го собере поголемиот дел од протестното гласање во земјата. И ако тој сега направи коалиција со ГЕРБ тоа практички ќе значи политичко самоубиство за Трифонов, бидејќи луѓето кои што гласале за него фактички гласале против Борисов“, смета Ганев.
Во врска со односите со Северна Македонија, тој не очекува никаква промена затоа што сите партии што се влезени во Парламентот ја поддржуваат сегашната политика.
„Сегашниот парламент практички има огромно мнозинство што ја поддржува досегашната позиција на Бугарија во однос на РС Македонија. Во таа смисла не би требало да очекуваме некаква кој знае каква разлика во позицијата на Бугарија ако нема напредок во дијалогот меѓу двете земји“, верува директорот на софијскиот институт ТРЕНД, Димитар Ганев.
Во продолжение проследете го интегралното интервју со ДИМИТАР ГАНЕВ:
ZOOM.MK: Последниот пат кога се видовме во Софија направивме анализа какви резултати би можеле да произлезат од изборите. Од сегашна перспектива дали ве изненадија изборните резултати?
ГАНЕВ: Нема никаков сомнеж дека изненадувањето на изборите во Бугарија дојде од второто место на партијата на шоуменот Слави Трифонов.Според социолошките истражувања распоредот беше на прво место ГЕРБ, што се и реализираше, на второ место БСП и на трето место Трифонов. Во суштина изненадувањето доаѓа од таму што во последните неколку денови се мобилизираше јако младинско гласање, протестно гласање, што успеа да биде акумулирано од Слави Трифонов. Бидејќи гласачите на БСП се возрасни луѓе, дел од нив не излегоа на гласање, поради стравување поврзано со здравствената состојба околу Ковид-19. Поради тоа фактички социолошките истражувања потфрлија за 3-4 проценти, партијата на Трифонов и дадоа 3-4 проценти повеќе на БСП. Токму тоа дозволи и тие две партии да се разминат според пратеничките места.
ZOOM.MK: Дали Социјалистичката партија на Бугарија реално е вистинскиот губитник на овие избори?
ГАНЕВ: Да, нема сомнеж дека вистинскиот губитник на овие избори е БСП, бидејќи таа е втората по големина партија во Бугарија, барем во последните 10 години. Во последните 30 години по демократските промени само еден пат во 2001 година БСП беше трета политичка сила. Во БСП во последната година и половина имаше големи проблеми, поврзани со внатрешни конфликти, меѓу раководството и внатрепартиската опозиција кои потрошија голема политичка енергија. Освен тоа БСП се прифаќа како нешто застарено и не може да биде прифатена како легитимна, автентична, алтернатива на владејачката гарнитура и казненото гласање ја одмина потполно т.е протестното гласање против владата на Борисов беше мобилизирано околу партијата на г. Трифонов и на Демократска Бугарија.
ZOOM.MK: Каква ќе биде политичката иднина на г. Борисов, бидејќи тој практично ги доби изборите но ќе му биде многу тешко да формира влада?
ГАНЕВ: Борисов нема да може да состави влада во рамките на овој парламент. Но и покрај тоа тој е прва политичка сила и има две варијанти за развој на ситуацијата.
Варијанта број 1 се брзи предвремени избори т.е да не може да се состави влада во рамките на овој парламент и да се оди кон службена влада именувана од претседателот Румен Радев, која што треба да ги подготви изборите за парламент, коишто треба да се спроведат во средината на јули месец оваа година. Тоа е едната варијанта, другата варијанта е г. Трифонов и неговата партија „Има таков народ“ да состават влада која што фактички ќе биде влада на сегашната опозиција а ГЕРБ и Бојко Борисов да останат во опозиција. Но дури и да се формира таква влада треба да имаме предвид дека истата нема да издржи долго време. Најверојатно ќе има одредена програма, лимитиран мандат, така што предвремените парламентарни избори во Бугарија се неминовни. Не знаеме само точно кога ќе се спроведат. Овој парламент што го „произведовме“ на изборите пред десет дена на 4 април, нема политички потенцијал да формира стабилно мнозинство.
ZOOM.MK: Зошто Борисов и Трифонов не би можеле да формираат влада?
ГАНЕВ: На теорија партијата на Трифонов и партијата на Борисов имаат мнозинство во парламентот. Но Трифонов уште пред изборите јасно истакна дека нема да прави коалиција со т.н партии со статус-квото. Овде мислам на ГЕРБ, БСП и Движењето за права и слободи. Освен тоа, Трифонов фактички успеа да го собере поголемиот дел од протестното гласање во земјата. И ако тој сега направи коалиција со ГЕРБ тоа практички ќе значи политичко самоубиство за Трифонов, бидејќи луѓето кои што гласале за Трифонов фактички гласале против Борисов. Замислете ја следната ситуација, Трифонов влегува во коалиција со Борисов автоматски нивната поддршка од јавноста ќе се намали за месец или два а Борисов може да одлучи за неколку месеци нови предвремени парламентарни избори и повторно да ги добие, но овојпат Слави Трифонов ќе биде политички труп.
ZOOM.MK: Значи предвремени парламентарни избори се неизбежни во Бугарија?
ГАНЕВ: Неизбежни, да. Прашањето е дали изборите ќе се случат сега во јули или ќе бидат после 4, 6,8 месеци или година. Овој парламент нема политички потенцијал да состави стабилна влада.
ZOOM.MK: Како овој изборен резултат ќе влијае на односите меѓу Бугарија и РС Македонија?
ГАНЕВ: Видете, треба да го имаме предвид следното, каква и конфигурација да се создаде во центарот на таа конфигурација ќе биде партијата на Трифонов „Има таков народ“ и таа кофигурација ќе ја користисобраниската поддршка на БСП, ако има таква влада воопшто. А тоа значи дека и Трифонов и БСП се на сегашната позиција на Бугарија т.е нема разлика во позицијата на Трифонов, БСП и ГЕРБ. Тоа значи дека во сегашниот парламент практички има огромно мнозинство што ја поддржува досегашната позиција на Бугарија во однос на РС Македонија. Во таа смисла не би требало да очекуваме некаква кој знае каква разлика во позицијата на Бугарија ако нема напредок во дијалогот меѓу двете земји. Ако се случи напредок во тој дијалог и односите се затоплат е возможна промена. Но ако нема такво затоплување позицијата и на Трифонов и на Борисов и на БСП ќе остане иста.
ZOOM.MK: Има коментари дека Трифонов е со поекстремни позиции во однос на РС Македонија?
ГАНЕВ: Грубо кажано во реториката на Трифонов има силно застапен патриотски елемент. Националистички, патриотски елемент којшто тој секогаш го негувал како свој имиџ уште од времето во кое го водеше шоуто.