Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ја обвини Владата дека лажела за степенот на загадување и доцнела со реакција по неодамнешниот пожар во Трубарево, со што, како што рече, директно е одговорна за труењето на жителите од ова и околните населени места.
„Власта лажеше дека воздухот во Трубарево не е загаден, задоцни со реакција и не презеде никакви итни мерки за заштита на граѓаните, вклучително и евакуација. Со тие лаги е директно одговорна за труењето на луѓето во Трубарево и околината. Официјалните податоци, кои беа објавени дури шест дена по пожарот, покажуваат алармантни бројки: 12 пати над дозволеното ниво на кадмиум во воздухот (59,1 ng/m³ наспроти дозволени 5), покачени вредности на арсен и олово. Ова е воздухот што го дишеле нашите деца“, предупреди Филипче.
Тој порача дека одговорност мора да има и бара оставки од министерот за внатрешни работи, министерот за здравство и директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Барам итни оставки од министерот за внатрешни работи и министерот за здравство, како и од директорот Стојанче Ангелов. Барам обвинителството да отвори истрага и да одговараат сите кои дозволија со своето непостапување да се загрози животот и здравјето на луѓето.Итна истрага од Јавното обвинителство и кривична одговорност за сите службени лица кои со своето непостапување дозволија да се загрози животот и здравјето на граѓаните“, изјави претседателот на СДСМ, Филипче.
Министерството за животна средина вчера ги објави резултатите од мерењата на квалитетот на воздухот во Трубарево по пожарот што изби минатата сабота. Според извештајот на акредитираната лабораторија, примероците земени на 13 и 14 септември покажуваат сериозно надминување на дозволените вредности на штетни материи во воздухот. ПМ10 честичките биле речиси двојно над максимално дозволената граница, со измерени 92,65 микрограми на кубен метар, наспроти дозволените 50. Концентрацијата на олово изнесувала 0,75 микрограми на кубен метар, и таа исто така ја надминува дозволената вредност од 0,5. Покачени биле и нивоата на арсен, со 8,9 нанограми на кубен метар, додека дозволеното ниво е 6. Најдрастично отстапување е забележано кај кадмиумот, каде што се измерени 59,1 нанограм на кубен метар, што е повеќе од десет пати над границата од 5.