Денеска пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата повторно ќе го поднесе Законот за измена на Законот за минимална плата, откако минатата недела беше вратен од страна на претседателот на Собранието, Африм Гаши, за некои технички недостатоци наводно. Меѓутоа нема да навлезам во причините за враќањето и насоките за тоа како треба да се средат некои работи, повторно ќе кажам од технички аспект во законот, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој кажа дека СДСМ дава максимална поддршка на барањата на претставниците на Сојузот на синдикати.
„Сметаме дека минимална плата од 600 евра е нешто што работниците заслужуваат и им е неопходно потребно за достоинствен живот,во временски период кога синдикалната кошничка надминува 65/66.000 денари, кога една третина од трошоците одат за храна и пијалоци, дополнително тука се други трошоци и школски прибор за децата и така натаму, работниците заслужуваат да имаат достоинствен живот“, рече Филипче.
„Ако само во првите две години од нашиот мандат можеше социјалната помош да се зголеми за 300% и да стане социјалната помош од 3.000 на 11.700 денари, ако минималната плата тогаш можеше да се зголеми во тој само период пред да продолжи и после ковид кризата да стигне повеќе од дупло, да се зголеми од 8.000 на 14.500 денари, тоа е зголемување за 60-70%, ако можеа платите на здравствените работници да се практично и повеќе од дуплираат со зголемување на парите за дежурства, со зголемување на основната плата за 40%, во првите години од мандатот не може оваа влада да каже дека нема пари“, додаде тој.
Според Филипче срамно е владата да најавува купување на нов владин авион.
„Тоа е расипништво од невиден степен, исмевање во лице на овие луѓе што протестираат денес пред Собранието, коишто имаат вистинска мака и не може да врзат крај со крај“, рече Филипче.























