На денешната седница на пратенички прашања, претседателот на СДСМ Венко Филипче му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски со низа критики за неисполнетите ветувања во надворешната политика и европските интеграции.
„Тврдевте дека може да се смени нашата позиција во рамки на Преговарачката рамка. Практично ветувавте промена на Преговарачката рамка. Ќе бараме решение со новата влада во Бугарија, ова го рековте во јуни 2024 година. Во деветти месец 2024 рековте дека уставни измени со одложено дејство се едно од можните решенија. Во октомври рековте повторно дека Преговарачката рамка може да се смени“ му рече Филипче на Мицкоски.
По ова Филипче го потсети Мицкоски за сите променети ставови на владата и неговите како премиер.
„Потоа рековте лага е дека сме барале промени на Преговарачката рамка. Нашата позиција останува, уставни измени со одложено дејство како гаранција дека ќе нема нови условувања. Ова беше објаснето во ноември лани,“ рече Филипче.
Филипче го обвини Мицкоски за непоследователност и политичко манипулирање со европската агенда.
„Најавивте писмено обраќање до целата Европска унија, ама се откажавте. Чекавте да се формира нова влада во Бугарија – се формира. Има Самит на НАТО во Хаг, таму е бугарскиот премиер. Отиде претседателката, значи – средба и таму нема да има,“ му рече Филипче на Мицкоски.
„Се добива впечаток дека сите овие барања треба да предизвикаат некаква сатисфакција кај граѓаните, дека нешто се прави, дека може да се направи. Можеби се разбуди надеж дека таа наша позиција во рамки на преговорите може да се подобри, но ништо од тоа не се случува“, истакна Филипче.