На денешната прес-конференција, пратеникот Фатмир Битиќи остро реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, според кои инфлацијата е последица на зголемувањето на платите и пензиите. Битиќи оцени дека оваа теза е невистинита и претставува маневар со кој вината за економската состојба се префрла врз работниците и пензионерите, наместо врз вистинските причини.

„Податоците јасно го демантираат тоа,“ нагласи Битиќи. Тој посочи дека трошоците за живот растат двојно побрзо од платите. Според последните статистички податоци, вредноста на синдикалната потрошувачка кошница пораснала од 61.855 денари во март на 63.908 денари во мај, односно за три месеци зголемување од 2.053 денари. Во истиот период, просечната нето-плата се зголемила од 44.763 денари на 45.796 денари – зголемување од само 1.033 денари.

Разликата, според него, е уште поочигледна кај најновите бројки: во јуни кошницата достигнала 64.698 денари, а во јули 65.328 денари, што значи раст од 1.420 денари за само два месеци. „Трендот покажува дека зголемувањето на платите е далеку побавно од растот на трошоците, што значи дека реалната куповна моќ на граѓаните паѓа. Тврдењето дека платите ја туркаат инфлацијата е економски неодржливо,“ изјави пратеникот.

Битиќи ја отфрли и тезата дека пензиите предизвикуваат инфлација. Тој потсети дека во март имало еднократно линеарно зголемување од 2.500 денари, но тоа не станало тренд. Во април просечната пензија паднала на 26.163 денари, во мај била 26.157, а во јуни се зголемила на 26.207 денари. „Пензионерите и натаму живеат на граница на егзистенција, нивните примања едвај ги покриваат основните трошоци. Обвинувањето дека тие ја предизвикуваат инфлацијата е економски и морално погрешно,“ истакна тој.

Тој посочи дека јазот меѓу приходите и трошоците дополнително го потврдуваат и други ценовни индикатори. Индексот на трошоци на живот во јули е за 4,8% повисок од истиот месец лани, а индексот на цени на мало за 5,3%. Само месец претходно, тие изнесувале 4,5% и 3,7%, што, според него, покажува дека цените забрзуваат и тоа без раст на примањата.

Зголемувањето на цените е особено изразено кај основните земјоделски производи. Во јуни, цените на растителното производство се зголемиле за 22,2%, а на добиточното за 6,9%. Компирот е поскап за 56,7%, житата и оризот за 25,5%, зеленчукот за 23,9%, а овошјето и грозјето за 15,4%. „Овие бројки немаат врска со зголемувањето на платите и пензиите, туку се резултат на нестабилни пазари, високи влезни трошоци и спекулативно формирање на цените,“ рече Битиќи.

Тој ја обвини Владата дека наместо системски да го искористи Законот за нефер трговски практики, со кој цените би можеле да се намалат и до 30% преку санкционирање на неправедните профити, се занимава со политички маркетинг и импровизација.

Битиќи потсети дека во јуни индустриското производство пораснало само за 0,5%, што покажува дека економијата не е „прегреана“ од побарувачка. Во енергетиката, зависноста од увоз дополнително влијае на цените – во мај увозот на електрична енергија се зголемил за 25,9%, а извозот за 11,1%.

Минималната плата од март изнесува 24.379 денари, одредена еднострано, без синдикати и без социјален дијалог. Зголемувањето од 1.800 денари, според Битиќи, било донесено како политичка одлука, а не како дел од стратегија за подобрување на животниот стандард. Тој предупреди дека за да се покрие синдикалната кошница од јули, потребни се речиси 2,7 минимални плати, а дури и две минимални плати во едно семејство не се доволни за месечните трошоци.

„Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, и затоа што зависиме од увоз за основни добра,“ заклучи Битиќи, додавајќи дека обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е политички срамен и дека Македонија заслужува економија што ќе обезбедува стабилни цени, фер пазар и заштита на животниот стандард, а не изговори за владина неспособност.