Првпат по пет години Ема Стоун се појави во „Шоуто на Елен“ каде што прозборе за повредата што наводно ја доживеала на концерт од „Спајс грлс“ и дека е страствена обожавателка на кошарката.

Триесет и двегодишната актерка го направи долго очекуваниот камбек како гостинка кај Елен Деџенерис, промовирајќи го најновиот филм „Круела“ инспириран од истоимениот лик во анимираниот филм „101 далматинец“.

Актерката зборуваше и за тоа како документарецот на Мајкл Џордан, „Последниот танц“, направил да сфати дека е голема обожавателка на кошарката, а нејзин омилен клуб се „Феникс санс“, од нејзиното родно место Феникс.

Интервјуто се случи само неколку месеци откако Ема го доби првото дете, ќерката Луис Џејн, со сопругот Дејв Меккери.

Приказната започна со потсетување на несреќниот настан, за кој се пишуваше, кога на концерт од „Спајс грлс“ го скршила рамото на две места, што всушност не било целосно точно.

Вистината е дека го скршив рамото во јуни 2019 година, а требаше да почнам со снимање на „Круела“ во јули или август истата година. Имав скршеница на две места – изјави Стоун и додаде:

Но, не знам како се случи да се појави веста дека сум го скршила рамото на концерт од „Спајс грлс“ додека сум седела некому на рамената и сум паднала при што сум се повредила, што не е точно.

Потоа Ема појасни дека настанот се случил во Лондон, една вечер пред концертот на групата, а таа си заминала не знаејќи дека е сериозно повредена.

Една вечер пред концертот бев на мала домашна забава во соседството и кога влеговме во куќата подот беше полиран, па јас се лизнав и паднав, при што се повредив – појасни Стоун и додаде дека заминала на лекар, каде што ѝ направиле рендгенска снимка и ѝ кажале дека има мала сенка на коската, но не забележале дека има сериозна пукнатина.

Така таа заминала на концертот, а следниот ден забележала дека нешто сериозно не е во ред со нејзиното рамо и кога отишла на лекар, утврдиле дека е скршено на две места.

Стоун која минатата недела била забележана на кошаркарскиот натпревар од „ЛА лејкерси“, призна дека станала голема обожавателка на кошарката откако ја гледала документарната серија „Последниот танц“, посветена на кошаркарската легенда Мајкл Џордан.

Го гледав документарецот со Мајкл Џордан и нешто ми кажа „овој спорт е неверојатен“ – изјави и додаде дека оттогаш редовно следи што се случува со нејзиниот омилен клуб „Феникс санс“. Стоун откри дека одењето на кошаркарскиот натпревар бил првиот голем јавен настан на кој се појавила откако се вакцинирала против ковид-19.

Актерката зборуваше и за филмот „Круела“, кој го следи животниот пат од нејзиното раѓање и претворање во негативката, која јавноста првпат ја запозна во „101 далматинец“ како жената што ги сака животните само поради крзното.