Музичката легенда секоја година со забави пред доделувањето на најпрестижната филмска награда Оскар, собира пари за својата фондација посветена на борбата со сидата. Оваа година поради ковид-19 пандемијата реши да направи виртуелна забава на која може да присуствува секој кој сака, а влезот чини 20 долари.
Уште од 1992 година Елтон Џон ја одржува најдобрата пред-оскаровска забава , за која се бара билет повеќе, а се собираат донации за неговата фондација за поддршка на лицата заболени од сида. Оваа година работите се поинакви, односно забавата ќе се одржува во живо преку интернет, а ќе може да присустува секој кој сака, само треба да уплати 20 долари за влез. За таа цел музичарот веќе сподели видео на социјалната мрежа Тик Ток, како и на својата веб страница.
Во видеото се појавува Елтон Џон со виклери на главата и облечен во пењоар и папучи, држејќи правосмукалка, а покрај него е неговиот сопруг, Дејвид Фурниш. Тие прават пародија на ситуацијата која моментално владее низ светот, поради ковид-пандемијата и ги прашуваат гледачите дали им е здодевно во локдаун. Потоа Елтон пукнува со прстите и тие се појавуваат дотерани во одела, а пејачот го објаснува настанот.
@eltonjohnyou’re invited!! link in bio!!!! @dualipaofficial ##ejafoscars ##levitating ##dualipa♬ Levitating – Dua Lipa
– Оваа година ви ја носиме оскаровската забава дома, за прв пат ќе имате виртуелна незаборавна вечер со мене, Дејвид, нашиот драг пријател Ник Патрик Харис, неверојатната Дуа Липа и уште многу славни имиња – вели тој и додава дека во оваа ситуација на пандемија не смееме да ги заборавиме 38-те милиони луѓе ширум светот, кои се борат со ХИВ-сида и имаат потреба од лекови, грижа и поддршка.
Првата ваква забава е одржана 1993 година и оттогаш Елтон Џон со неа собира донации кои ги вложува во борбата со опасната болест. Освен за грижа и помош на заболените, фондацијата донира пари и во организирање настани и едукации за надминување на стигмата која ги следи заболените од сида.
Со оглед дека веќе втора година светот се бори со пандемијата ковид-19, Елтон се надева дека тоа нема да ги натера луѓето да заборават на другата опасна болест, која сè уште сериозно го загрозува човештвото.
За да можат да присуствуваат што повеќе луѓе на настанот, а поради различните временски зони, предвидено е да се одржат четири забави во два дена 25 и 26 април, кои ќе траат по 60 минути.
Во врска со учеството Дуа Липа изјави:
– Голема чест ми е да бидам дел од една од најпознатите забави и горда сум што ќе придонесам за поддршка на фондацијата на Елтон Џон. Се надевам ќе помогнеме за надминување на стигмата која сè уште постои. Сите заедно треба да изградиме пољубезен и инклузивен свет. А да бидам на иста сцена со Елтон Џон, е исполнување на мојот најголем сон.
Додека актерот Нил Патрик Харис, кај нас познат по улогата во серијата „Како ја запознав мајка ви“, кој ќе биде водител на забавите, изјави:
– Отсекогаш ја поддржував Фондацијата на Елтон Џон и за мене нема поголема чест од понудата годинава да ја водам виртуелната гала забава, заедно со моите блиски пријатели Елтон и Дејвид. Тоа што тие го прават со фондацијата е инспиративно и горд сум што ќе дадам свој мал придонес во целта да се подигне свеста за нивната работа.
Минатата година Елтон собра неверојатни 6,4 милиони долари на ваквата забава. Вечерта тој освои Оскар за најдобра оригинална песна за „I’m Gonna Love Me Again“ од саундтракот за филмот „Рокетмен“ заснован на неговата биографија. Гости-водители му беа многу славни ликови меѓу кои Шерон Стоун и Хајди Клум. Парите се вложуваат за помош во лекови, третмани, грижа и поддршка на луѓето заболени од СИДА, кои се крајно маргинализирани.