Најмалку 18 лица загинаа денеска во експлозија во фабрика за петарди во индустриска зона во областа Банасканта во индиската сојузна држава Гуџарат.

„Осумнаесет лица загинаа во инцидентот, а пет се повредени откако ѕидот на зградата се урна по огромна експлозија“, изјави началникот на полицијата Акшајрај Маквана.

Повеќето од жртвите се работници од државата Мадја Прадеш и членови на нивните семејства.

Експлозијата се случила во фабриката околу 9:45 часот, а спасувачките екипи ги расчистуваат урнатините, јавуваат локалните медиуми.

Тим на Државните сили за одговор при катастрофи (SDRF) исто така беше на лице место за да помогне во спасувачките операции, изјавија официјални лица за новинската агенција „ПТИ“.