Бугарско-македонскиот спор нема да се реши со надворешни притисоци од Берлин, Брисел или Вашингтон, туку преку спроведување на Договорот за пријателство потпишан во 2017 година, тврди европратениот Андреј Ковачев, во ексклузивно интервју за Zoom.mk.
https://www.facebook.com/zoom.sm1/videos/1770901549746013
“Навистина е тажно да сметаш дека некој во Берлин, Брисел или во Вашингтон ќе изврши притисок врз твојот сосед и ќе го заврши тоа што ти не си го завршил. Наместо тоа, треба да се спроведе Договорот за добрососедство, да ја прифатиш заедничката историја како таква на двата сегашни народи, а не заедничка историја на Балканскиот полуостров на Османлиската империја, на Европа или на човештвото“, истакнува европратеникот Ковачев.
Тој тврди дека Договорот за пријателство е братски гест, кој покажува дека без притисок од надвор може да се надмине омразата и пропагандата од минатите режими.
„Силно се надевам да се вратиме во позитивната атмосфера, којашто ја имаше во 2017 година по потпишувањето на Договорот и да продолжиме да бидеме блиски налик на Германија и Австрија, Романија и Молдавија, Грција и Кипар, и да си помагаме во сите можни аспекти во политиката, почитувајќи го се разбира чувството за идентитет на секој“, додава Ковачев.
Според него, Северна Македонија го прекршил Договорот во делот на заедничката историја на двата народи и во делот на историската комисија, која треба да работи врз основа на историски факти.
„Ама ние не ви сметаме, кажувајте си за Гоце Делчев дека е Бугарин, ние ќе велиме дека е етнчки Македонец, и така ќе одиме напред. Нема проблем, нашите млади Европјани ќе учат едно, вие ќе учите друго, ама инаку ќе си бидеме заедно во ЕУ.“ Тоа нема како да се случи“, е категоричен Ковачев.
За него не е спорно дека секој човек има право да се самоидентификува како сака, меѓутоа не може да се менува идентитетот на починати луѓе.
Во врска со ставовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кон Бугарија Ковачев смета дека сегашното раководство на партијата нема ништо заедничко со историското ВМРО.
Тој смета дека Русија долева масло на бугарско-македонскиот спор, но се надева дека двете страни ќе бидат паметни и нема да наседнат на руските политички игри.
Интегралното интервју во продолжение:
ZOOM.MK: Kолку Вие како бугарски европратеник успевате да ја одбраните позицијата на Бугарија во врска со почетокот на преговорите за Македонија?
КОВАЧЕВ: Тоа не е ништо ново, Бугарија секогаш ја поддржувала Македонија на нејзиниот пат кон полноправно членство кон НАТО и ЕУ, и го поставувала прашањето за заштитата на правата на нејзините граѓани, кои се изјаснуваат јавно како Бугари или се запознати со своето бугарско потекло.
Тоа е дел од Резолуцијата на Европскиот парламент од 2010 година, во секоја резолуција е запишано дека не треба да има дискриминација на граѓани, кои отворено ја изјавуваат својата бугарска етничка самосвест или бугарско потекло. Тие резолуции се од 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016.
Во таа смисла тоа не е нешто непознато или нешто што колегите во Европскиот парламент или земјите членки не знаат дека постои овој историски, би го нарекол наратив, којшто сѐ уште не е надминат поради една единствена причина.
За жал, по осамостојувањето на Македонија во 1991 година од Југославија можеби Македонија остана единствената земја во централна и источна Европа, која целосно ја продолжи идеологијата што била наметнувана по 1944 година.
Сите други земји Полска, Чешка, Унгарија, Словачка и другите земји, исто така, што биле дел од поранешна СФРЈ, како Хрватска, поминаа низ еден перод, тука ќе ја спомнам и источна Германија, на преосмислување на историјата. Тоа е еден процес на надминување на тоталитарниото наследство од диктатурата. Било таа национал-социјалистичка или комунистичка диктатура, во какви и да е нијанси, титовистички, живковистички или Чаушеску, или кои и да е друг диктатор. Повторувам за огромна жал, во Македонија и покрај очекувањата немаше храброст да се надмине идеологијата наметнувана со децении од режимот во Белград.
ZOOM.MK: Во Скопје постојано се збореше дека во суштина Германија пред Европскиот самит, ќе врши притисок врз Бугарија и ќе го смени ставот. Сега таа реторика е нова и велат добро, сега Германија не заврши работа, но може новата администрација на Бајден. Што очекувате Вие? Како новата американска администрација може да влијае во однос на бугарско-македонскиот спор?
КОВАЧЕВ: Јас навистина се чудам дека во 2020-2021 година постојат луѓе кои сметаат дека некој друг треба да ја заврши нивната работа. Жалам што господинот Заев мисли така, навистина е тажно да сметаш дека некој во Берлин, Брисел или во Вашингтонг ќе изврши притисок врз твојот сосед и ќе го заврши тоа што ти не си го завршил. Наместо да го завршиш исполнувањето на Договорот за добрососедство, да ја прифатиш заедничката историја како таква на двата сегашни народи, а не заедничка историја на Балканскиот полуостров на Османлиската империја на Европа или на човештвото.
Овде зборуваме за тоа дека голем дел од нашите предци не се делеле. Тие немале такво раздвојување какво што сега имаме, што би требало да се надмине по патот на евроинтеграцијата. Токму тоа е големата идеја на Европа да ги надминеме омразата , лагите, поделбите во единствена Европа.
Не сметам дека г. Заев и тие што го советуваат, можеби службите или кој и да е, не сметам дека може да смета некој друг од надвор да ја заврши таа работа и да изврши притисок врз Бугарија по некакви други канали.
Бугарија е почитувана земја членка на ЕУ и НАТО и ние сме покажале дека на нас може да се смета. Ние и подадовме рака на Македонија во многу тешки моменти за неа. Први ја признавме Македонија, за време на ембаргото врз Југославија бевме позади Македонија, за таа да добива гас, нафта и сѐ што е потребно од пристаништето во Бургас.
Во 2001 година да не забораваме дека повторно застанавме позади територијалниот интегритет и независноста на Македонија, имаше други сили, вие можеби знаете за тоа, имаше други сили кои сакаа Македонија да се подели, тогаш одлучно застанавме зад територијалниот интегритет на Македонија.
Претходно дадовме воена техника во случај Милошевиќ да тргне против Македонија, тогаш кога се осамостојуваше од Југославија. Потоа нашето прво претседателство беше да ги убедуваме нашите соседи и пријатели од ЕУ, колку е важно Македонија да стане дел од ЕУ, потоа меѓу првите земји го ратифициравме договорот за НАТО, во тој ред на мисли никој не може да ја обвини Бугарија дека работи за дестабилизација на регионот и дека по некаков начин ние имаме некакви задни намери.
Ние немаме инвестирано ниту едно евро за комуникациска стратегија против Македонија, напротив, секогаш сме сметале дека ние братски и заедно можеме да ги решиме проблемите што ни ги оставиле во наследство другарот Тито и другарот Живков. Проблемите што ни ги оставиле во наследство комунистите ние можеме сами да ги решиме.
Никој не не притискаше во 2017 година, го немаше Нимиц, го немаше ОН за да потпишеме Договор за добрососедство. Тоа беше еден братски гест, дека ние сами без никој без да ни врши притисок од надвор можеме да ја надминеме омразата и пропагандата од режимите пред нас.
Силно се надевам да се вратиме во позитивната атмосфера, којашто ја имаше во 2017 година по потпишувањето на Договорот и да продолжиме да бидеме блиски налик на Германија и Австрија, Романија и Молдавија, Грција и Кипар, и да си помагаме во сите можни аспекти во политиката, почитувајќи го се разбира чувството за идентитет на секој еден.
Секој еден жив човек има право да се самоидентификува таков каков што сака. Јас тоа сум го повторувал стотици пати дека секој кој што се идентификува како етнички Македонец го има тоа право и никој нема прво тоа да му го одзема. По истата логика се разбира, никој нема право да го менува идентитетот на починати луѓе. Тоа е извондредно газење врз споменот на луѓе кои се починати и сега се употребуваат за некаква пропаганда.
Меѓу другото историјата би требало да биде наука, академска наука којашто не треба да биде материјал за пропаганда. Се разбира дека во многу земји се користи за пропаганда, но сепак се надевам дека историчарите ќе останат историчари, и ќе останат доследни кон историските факти, како што е запишано во Договорот.
Токму за тоа во тие два дела сметаме дека Договорот е прекршен од страна на Скопје, а имено во делот за заедничката историја на двата сегашни народи и во делот за историската комисија, каде што е запишано дека таа комисија треба да работи само и исклучиво со извори од соодветната епоха, а не на интерпретации на некој професор потоа, или на такви поими како мулти-перспективност, во смисла дека луѓето можат да имаат различна перспектива… Слушам најразлични работи.
„Ама ние не ви сметаме, кажувајте си за Гоце Делчев е Бугарин, ние ќе велиме дека е етнчки Македонец и така ќе одиме напред. Нема проблем, нашите млади Европјани ќе учат едно, вие ќе учите друго, ама инаку ќе си бидеме заедно во ЕУ.“ Тоа нема како да се случи.
ZOOM.MK: Овој спор има сили кои сакаат да го искористат за нивни интереси. Кое е Вашето мислење, каква улога овде може да има Русија во ова да го наречам недоразбирање меѓу Скопје и Софија?
КОВАЧЕВ: Се разбира дека Русија секогаш работела за тие поделби. Да си спомнеме дека Русија забранува на младото кнежевство Бугарија, на секој начин да го поддржи Илинденското востание, бидејќи тие и се закануваат на Бугарија дека ќе ја нападнат ако си дозволи да ги поддржи нашите браќа што работат за автономијата на Македонија и Одринско, што по Берлинскиот конгрес останале во границите на Османлиската империја. Русија смета дека треба заедно со Османлиската империја и заедно со Австро-Унгарија да ја нападне Бугарија ако таа помогне на останатите во ропство браќа во Одринско и Македонија.
Се разбира дека и во денешно време, Русија, за жал, каде што може амбасадорот ги користи можностите да долее масло во огнот. Но ние треба да бидеме доволно паметни за да не наседнуаме и да играме во политичките игри на Русија или на Србија или на кој и да е, за поделби. Токму спротивно, вклучително, Србија и сите земји од Западниот Балкан, треба да станат дел д ЕУ, со надминати проблеми од минатото, кои не делеле.
Јас ќе дадам пример со Грција. Сигурен сум дека знаете колку огромни проблеми и какви страдања сме имале во бугаро-грчките односи, војни, што се случувало во сегашна северна Грција во Егејска Македонија, градот Кукуш бил изгорен, 100 илјади луѓе биле бегалци од Егејска Македонија, но и покрај се, ја знаеме историјата, не ја забораваме, но сега сме заедно во ЕУ и не се мразиме. Ние сме партнери и работиме заедно. Тоа е нашиот повик, не е страшно да се знае историјата.
Сегашниот македонски идентитет нема да биде загрозен ако не се лажеме за историјата. Нека бидеме блиски партнери и во НАТО и во ЕУ, но да не добиваат младите Eвропјани во Македонија една категoрично фалсификувана историја. Никој не може да ми каже дека тоa е европска вредност и небаре Бугарија барала од Македонија нешто што не може да си го дозволи. Ако вистината е проблем, тогаш не знам на каде одиме? Како е можно лагата да се смета за европска вредност, а вистината да се смета за нешто многу лошо.
ZOOM.MK: Како ги објаснувате екстремно просрпските ставови на ВМРО-ДПМНЕ?
КОВАЧЕВ: Јас би рекол дека со сигурност на една страна се луѓето што раководат: претседателот, и тие што сега раководат во ВМРО, но со сигурност има и многу други луѓе коишто се потомци на бугарски револуционери и војводи.
Во централата на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, имињата на салите се на бугарски војводи и револуционери, на Христо и Милан Матови и други. Таа раздвоеност меѓу историското ВМОРО, коешто почнува како БМОРК (Бугарски-македоно-одрински револуционерен комитет ) создаден од др. Христо Татарчев и Гоце Делчев, како организација на Бугарите што останале под Османлиска власт по Берлинскиот конгрес и нивната борба за автономија и потоа за независност, и сегашната партија според официјалната доктрина нема ништо заедничко за жал со историското ВМРО.
Зошто работат така, сме прашале во ЕНП по таа тема. Можеби знаете дека по неколку месеци ќе се донесе одлука за членството на ФИДЕС на унгарската партија, која како што знаете ја поддржува ВМРО-ДПМНЕ и единствениот мигрант што го примија во Будимпешта под закрилата на Виктор Орбан, поранешниот претседател на партијата, така што работите се многу поврзани.
Ние секогаш сме подавале рака кон нив за соработка и надминување на таа омраза. ВМРО и Акционите комитети се првите што ја пречекуваат бугарската администрација, тие учествуваат во бугарската администрација, на тогашната територија окупирана од германскиот Рајх. Да се зборува сега дека се случило нешто спротивно, а имено дека Бугарите биле некакви фашисти, окупатори и не знам што уште, со што ја повторуваат идеологијата на комунистите е многу, многу жално.
ZOOM.MK: Дали ГЕРБ како членка на Европските Народни Партии ќе побара да се исклучи ВМРО-ДПМНЕ од ЕНП ако останат на истите анти-бугарски позиции?
КOВАЧЕВ: Ние сме покренале многу пати, јас пред малку го кажав проблемот, и пред претседателот Туск и пред тоа пред Жозеф Дол, дека има проблем кога се продолжува со таа исклучително негативна кампања против Бугарија. Меѓу другото, јас неколку пати лично сум зборувал со Виктор Орбан по таа тема за т.н унгарски медиуми во Македонија.
Не е многу пријатно и јас се надевам дека тие исто така ќе најдат сила во себе да го остават позади наследството на комунизмот и да се вратат кон своите корени. Повторувам сегашната реалност да си горд Македонец за мене не е никаков проблем, со тоа да ја знаеш вистината за својата историја. Никој не им смета како што сакаат да ја претстават бугарската позиција, дека ние го омаловажуваме и негираме македонскиот идентитет. Тоа не е вистина. Сегашниот македонски идентитет е право на секој Македонец, кој што сака да се идентификува како етнички Македонец. Тоа е негово право.
Исто така, негово право е и да има знак за еднаквост меѓу Македонец и Бугарин. Многу луѓе, повеќе од 120 000 имаат веќе бугарско државјанство, докажано врз основ на бугарско потекло. Има десетици илјади, кои се во процес на добивање на бугарско државјанство. Истото се добива само врз база на потекло и декларирање на етничка бугарска припадност.
Пред неколку дена видов фотографии пред Конзулатот во Битола, десетици да не речам стотици луѓе кои чекаат за документи. Не може толку лесно тие луѓе да се наречат предавници или пак дека нивните предци биле заблудени. Јас слушам најразлични фантастични истории. Егзархијата ги завела луѓето, бидејќи имало бугарска држава тогаш и небаре заради тоа биле Бугари, па се пишувале… Најразлични фантастични истории, само и само да најдат начин да кажат дека Бугарите се нешто лошо , бидејќи сакале да ги асимилираат и да ги окупираат тие територии.
ZOOM.MK: Благодарам на разговорот!
КОВАЧЕВ: И Јас Ви благодарам!