Бугарија нема да го смени ставот кон Северна Македонија, ако после изборите во април на власт дојде опозицијата, вели во ексклузивно интервју за ZOOM.MK, потпретседателот на Собранието на Бугарија и потпретседател на Социјалистичката партија на Бугарија, Кристиан Вигенин.

“Очекувањето дека Бугарија ќе ја промени суштински својата политика и ќе ги симне од дневeн ред клучните прашања позади кои, како што реков, стојат сите клучни политички партии, не е оправдано. Ако се смета на тоа, или само на тоа, ќе биде грешка”, изјави Вигенин додавајќи дека БСП не сака замрзнати односи со Скопје.

Вигенин жали што после потпишување на Договорот за пријателство во 2017 година не се направил повеќе за проширување на соработката во повеќе области, економија, култура, образование и друго.

“Ние го гледаме овој Договор како еден стабилен темел врз кој брзо треба да почне да се гради. Ако денеска имаме критика кон бугарската Влада е поради тоа што тој период беше пропуштен”, смета тој и додава дека и македонската страна имала нереални очекувања дека големите сили ќе извршат притисок врз Бугарија за надминување на спорот.

Вигенин вели дека двете земји треба внимателно да проценат што треба да се реши пред почетокот на преговорите, во рамките на преговорите, и што треба да биде решено целосно пред зачленување на Северна Македонија во Европската унија.

„Има чувствителни прашања за кои Бугарија не би можела да направи компромис и тоа треба да биде јасно на нашите партнери. Ние нема да го запоставиме нашиот државен интерес во овој процес. Ќе треба да се бараат компромисите и верувам дека истите можат да бидат најдени. “, повторува тој.

Според него, Европската унија помога за надминување на македонско-бугарскиот спор, но решението не може да се наметне оти ќе биде неодржливо.

„Светот се менува брзо, затоа сметам дека не треба да се пропуштаат можностите и нешто што може да се направи сега, не треба да се остава за во иднина, бидејќи немаме гаранции дека во иднина нештата ќе бидат полесни. Во суштина  времето во последните неколку години покажа дека работите се комплицираат наместо да се подобруваат. Во суштина од нас зависи да ја создадеме таа добра средина во којашто ќе можеме да ги решиме проблемите“, вели Вигенин.

Тој тврди дека ако земјите од Западен Балкан не станат членки на ЕУ, ниту Бугарија не е вистиски дел на Унијата затоа што најкраткиот пат до срцето на Европа поминува преку балканскиот регион.

Целото интервју можете да го проследите во продолжение:

ZOOM.MK: Која е причината за зоастување на бугарско-македонските односи?

ВИГЕНИН: Сигурно е дека меѓу две соседни земји понекогаш може да се појават такви проблеми, но факт е дека според мене, не беше искористен целосно периодот по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка помеѓу двете земји. Тогаш можеби требаше да се направи многу повеќе за проширување на соработката во повеќе сфери, сектори, во економијата, културата, образованието. Ние го гледаме овој Договор како еден стабилен темел, врз кој брзо треба да почне да се гради. Ако денеска имаме критика кон бугарската Влада е поради тоа што периодот беше пропуштен. Вистина е дека тогаш и Р. Македонија беше во посебен политички период, но пак велам, дека Бугарија го пропушти тоа.

Освен тоа, ми се чини дека има едно неразбирање и од македонската страна за тоа дека проблемите што стојат треба да бидат решавани не толку преку јавни изјави, пропаганда и претставување на сопствената гледна точка пред партнерите, очекувајќи тие да извршат притисок врз Бугарија, а тоа прашање треба да се решава на билатерална основа, бидејќи сметам дека тоа е во темелот на тие стабилни односи што сметам дека треба да ги градиме. Ако ние не успееме да изградиме меѓусебна доверба, ако ние самите не можеме да ги решиме овие прашања што  остануваат, не мислам дека тоа може да го направи некој друг наместо нас.

ZOOM.MK: Дали македонското прашање се користи од партиите за ловење гласови пред избори?

ВИГЕНИН: Сигурно ќе има такви обиди, логично е од каде можат да дојдат, но вистината е дека по прашањето за односите со РС Македонија ние немаме посебни внатрешни противречности. Позицијата на Владата во однос на преговорната рамка беше поддржана речиси едногласно од сите политички сили.

Декларацијата во Парламентот којашто ја прифативме врз база на таа рамковна позиција исто така беше поддржана едногласно во бугарскиот Парламент. Односите со РС Македонија во нивната суштина не се елемент од внатрешно-партиската, внатрешно- политичката дебата.

Пак ќе речам можеби има извесни разлики во однос на нијансите, но како целина овде имаме можеби еден од ретките случаи, тоа е тема позади која има едногласност меѓу власт и опозиција, барем што се однесува на преценката на ситуацијата и можните во овој момент решенија, што беа донесени. Се разбира од гледна точка на идниот развој може да има дебата, но пак ќе речам кон овој момент нема различни ставови.

Токму затоа ми се чини дека обидите оваа тема да биде дел од внатрешно политичката дебата тешко дека ќе успеат. Јас тука можам само да додадам дека, изразувам и надеж дека тоа нема да се случи, бидејќи во претходни кампањи се случувало по различни теми намерно да се бара конфликт по една или друга тема. Тоа  обично го прават националистичките партии било во однос на соседите, било во однос на внатрешните прашања. Се надевам тоа дека нема да се случи, бидејќи нема потреба и додатно да ги труеме и без тоa комплицираните во моментот односи. Засега не гледам сериозен обид, тие односи да бидат искористени во предизборната кампања.

ZOOM.MK: Ако СПБ дојде на власт дали Бугарија ќе го смени ставот кон Северна Македонија?

ВИГЕНИН: Вистина е дека во период на предизборна кампања или на предизборна кампања што доаѓа, кога владата оди кон својот мандат, тешко може да се очекуваат некакви сериозни чекори. Никој не би прифатил ваков ризик и овде, а што и да се прифати како одлука во моментот истата нема да биде стабилна, бидејќи ние не знаеме каков ќе биде резултатот од изборите и каква ќе биде следната владејачка коалиција.

Очекувањето дека Бугарија ќе ја промени суштински својата политика и ќе ги симне од дневниот ред клучните прашања позади кои како што реков стојат сите основни политички партии, не е оправдано. Ако се смета на тоа или само на тоа ќе биде грешка.

Се разбира, ако Бугарската социјалистичка партија е во власта, ние не можеме сега да дадеме рецепт, но тоа што можам да го кажам е дека во секој случај треба да се анализира внимателно на база на целата информација. Бидејќи сепак ние сме во опозиција и немаме пристап до сѐ што се случува до овој момент, до двостраните разговори, има многу работи што се случувале како што се вели позади светлата на камерите.

Максимално брзо ќе направиме детална анализа каква е реалната состојба, како се стигна до овде и евентуално какви би биле следните чекори. Тоа што ние не би сакале е односите да продолжат да бидат блокирани, во таа насока, се разбира потребно ни е партнерството и од спротивната страна.

Сметам дека можат да се направат напори за создавање на попријатна атмосфера во која да се бараат тие решенија, бидејќи таа навистина доста се изостри во последните месеци, би рекол во последните два месеци.

Можам да дадам пример кога во 2013 година, макар тоа да е многу далеку назад во времето, кога самиот јас бев министер за надворешни работи, политиката што ја следеше мојот претходник беше никакви односи пред да се потпише Договорот.

Јас ја сменив во извесна смисла, реков да, потпишувањето на Договорот е клучно прашање но паралелно со тоа треба да ги развиваме односите во сите сфери кадешто тоа е возможно, бидејќи така создаваме попријатна атмосфера за да се стигне до потпишувањето на Договорот.

На таков начин ние ги надминуваме некои елементи од недовербата, од историските наслаги. Мислам дека тоа би требало да биде логиката.

Гледам дека има некакво движење во таква насока, гледам дека во тек се разговори меѓу двете страни во однос на патната инфраструктура, којашто треба во повеќе детали да покаже што и како треба да биде постигнато.

Тука ќе речам така, двете земји треба внимателно да проценат што треба да биде решено пред почетокот на преговорите, што може да се реши во рамките на преговорите, по можност со извесни рокови, и што треба да биде завршено целосно пред Бугарија да го даде своето конечно да за  членството на РС Македонија во ЕУ.

Ако има еден таков појасен план, по кој што ќе се движиме, мислам дека ќе биде полесно. Некои работи се разбира не може да се фиксираат од сега, но ако се опише внимателно процесот што треба да биде поминат за да се решат, мислам дека можеме да го постигнеме. Но пак ќе речам има чувствителни прашања за кои Бугарија не би можела да направи компромис и тоа треба да им биде јасно на нашите партнери.

ZOOM.MK: Зошто Чешка и Словачка го odbija компромисот понуден од Германија?

ВИГЕНИН: Видете во ЕУ има 27 држави членки и секоја една од нив се разбира дека го има својот поглед врз нештата, и според мене понекогаш ние погрешно правиме врска меѓу една позиција и конкретната ситуација меѓу нашите две земји.

Мене ми се чини дека позицијата на Чешка и Словачка беше поврзана, не толку со билатералните односи меѓу РС Македонија и Бугарија, туку со нивното историско искуство, а  има голема веројатност бидејќи што и да постигнеме меѓу нашите две земји во моментот, тоа ќе биде сметано за прецедент и за следни проширувања на ЕУ.

Темата за историјата е навистина сензитивна, таа е различна меѓу различните земји, но е присутна во нашиот регион, кој што има многу историја и претпоставувам дека дел од колебањето на тие две земји а и на други, кои не го изјаснуваат тоа гласно, е дека кога го коментираме клучниот текст за погрешната интерпретација на историјата има земји за кои се очекува да влезат или да почнат поактивен процес на преговори со ЕУ, како БиХ на пример, каде што исто така има многу историја. Тука е прашањето и што ќе правиме со Косово.

Тие чувствителни теми веројатно ќе треба да ги бараме пронаоѓајќи компромис меѓу нашите две земји. Ќе треба да бараме начини да ги објасниме на нашите партнери. Јас сум убеден дека и сакам да подвлечам  дека независно од тоа однесување што се создаде во последните два-три месеци, Бугарија продолжува да биде земјата која стои позади европската интеграција на регионот. За нас тоа е клучно прашање, бидејќи додека земјите од Западен Балкан не станат дел од ЕУ, самата Бугарија нема да биде вистински дел од ЕУ. Бидејќи нашиот најкраток пат до срцето на Европа поминува преку Западниот Балкан.

Нашата поддршка ќе продолжи со едно појаснување, ние нема да го запоставиме нашиот државен интерес во овој процес. Ќе треба да се бараат компромисите и верувам дека истите можат да бидат најдени. Во таа смисла при една добронамерност од двете страни, верувам дека можеме како што реков и претходно да распишеме еден јасен процес, и политички и процес на соработка, во сите сектори што ќе ја дадат можноста еден ден меѓу двете земји да нема граница, нашите државјани да бидат европски државјани, да се патува слободно по убави патишта, да има економска размена.

Мислам дека тоа е тоа што го бараат нашите граѓани. Тоа што го правиме треба да се темели на интересот на граѓаните на двете земји, а не на интересите на една или друга влада, на една или друга партија. Во таа насока треба да биде нашето размислување  за тоа што следи и што ни претстои во иднина.

ZOOM.MK: Дали ЕУ треба да помогне во надминување на спорот со Скопје?

ВИГЕНИН: Според мене ЕУ со својата припојувачка сила и со желбата на РС Македонија да стане дел од ЕУ, и желбата на Бугарија да се продолжи со проширувањето на ЕУ, веќе ја игра таа улога. Бидејќи ние немаше да бидеме на оваа етапа сега, разгледувајќи детално прашања од нашите односи, ако не беше ЕУ.

Заедно со тоа јас спомнав дека не можеме да сметаме дека некој друг ќе ги реши тие проблеми. ЕУ може да создаде средина да помогне за една подобра атмосфера во тие разговори, но ако ние не се договориме самите, нека да биде јасно ништо нема да се случи со европски притисок врз едната или врз другата страна. Затоа што секоја една таква одлука донесена со притисок, а не преку осознавање, не е стабилна. Се менуваат политички сили, се сменуваат формациите во власта, и секогаш има ризик да се вратиме назад во тие односи. Таков ризик има и во РС Македонија, таков ризик веројатно има и овде.

Бидејќи гледате светот се менува брзо, затоа сметам дека не треба да се пропуштаат можностите и нешто што може да се направи сега, не треба да се остава за во иднина, бидејќи немаме гаранции дека во иднина нештата ќе бидат полесни.

Во суштина  времето во последните неколку години покажа дека работите се комплицираат наместо да се подобруваат. Во суштина од нас зависи да ја создадеме таа добра средина во којашто ќе можеме да ги решиме проблемите.

ЗУМ.МК: Ви благодарам на разговорот!

ВИГЕНИН: И јас Ви благодарам.