Над 70 отсто од Бугарите ја поддржуваат владатa во врска со почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската унија и не верувам дека тоа ќе се смени во иднина, открива во ексклузивно интервју за Zoom.mk, Димитар Ганев, директор на Институтот за политички и социолошки истражувања во Софија.

„Треба да имаме предвид дека тоа не е само позиција на бугарската Влада. Тоа е позицијата и на најголемата опозициска партија БСП. Влада може да се состави околу ГЕРБ или околу БСП. Во таа смисла ставот на некои македонски политичари дека ќе има промена на бугарската позиција во однос на зачленувањето на С. Македонија во ЕУ по нашите избори, не можам да речам дека е толку возможно “, вели Ганев.

Тој негира дека преговорите ги блокира само ВМРО на Каракачанов бидејќи на исти ставови се и двете најголеми политички партии, ГЕРБ и БСП.

„Владата ќе биде формирана од некои од тие две партии и веројатно позицијата на Бугарија ќе продолжи да биде иста“, додава тој.

Според него, може да се постигне решение за спорот ако двете страну прават компромиси,кои ќе бидат како последица на мудри потези.

„Бугарија е заинтересирана за зачленувањето на С. Македонија во ЕУ. И не само на С. Македонија туку и на сите земји од Западен Балкан. Да потсетам дека за време на бугарското претседателство на Советот на ЕУ, еден од приоритетите за којшто Бугарија се бореше, беше имено за зачленувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ“, објаснува Ганев.
Во врска со распоредот на политичките сили пред претстојните парламенгтарни избори во април, Ганев очекува во Парламентот да влезат пет политички партии, а две помали партии уште се борат да го поминат изборниот праг од четири отсто, од кои едната е ВМРО на министерот на одбрана, Красимир Каракачанов.

„Другите партии што ќе бидат во Парламентот се: ДПС. Тоа е партијата која го претставува турското етничко малцинство, а и не само. Таа ќе има традиционално стабилна позиција и ќе има помеѓу 25-30 пратеници. Има нов политички субјект којшто се нарекува „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифунов. Неговата партија во моментот според социолошките истражувања се наоѓа на третото место. „Демократска Бугарија“ којашто е коалиција од различни партии либерални, десни, зелени, исто така ќе има пратеници во Парламентот“, предвидува Ганев.

За него после избороиоте можно е да не се формира влада и да се оди повторно на избори, но поголеми шанси има некоја партија да обезбеди мнозиство во парламентот.

Интегралното интервју во продолжение:

ZOOM.MK: Бугарија на 4-ти Април ќе има општи избори. Овде во Софија разговараме со господинот Димитар Ганев, директор на Институтот за политички и социолошки истражувања, ТРЕНД. Господин Ганев Ви благодарам на подготвеноста на разговор со ZOOM.MK. Можете ли да ни направите една анализа, кој е распоредот на политичките сили пред најавените избори во април?

ГАНЕВ:  На прво место се основните политички сили. Имам предвид ГЕРБ и БСП. Тие беа и на претходните избори и продолжуваат да доминираат во нашиот политички живот. Во најопшт план социолошките истражувања до овој момент, покажуваат слика на Парламент со 5 партии, со можност да влезат уште две партии, коишто се помали и се на работ на  изборниот цензус.

Проблемот е во тоа што и ГЕРБ и БСП ќе имаат помалку мандати, понизок резултат во споредба со минатите избори и составувањето на Влада ќе биде голем предизвик, бидејќи ниту една од партиите нема да има самостојно мнозинство. И дури чистата математика во моментот покажува дека дури и на две партии ќе им биде тешко да состават мнозинство.

Единствено голема коалиција би можела да собере повеќе од 121 пратеник, колку што е потребно за составувањето на Влада. Но тоа изгледа скоро невозможно, кога ги имаме во предвид односите на двете основни политички сили.

Да повторам според последните социолошки истражувања, ГЕРБ ја зачувува својата прва позиција, и најверојатно прва можност да состават Влада ќе им биде дадена на ГЕРБ и Бојко Борисов.

ZOOM.MK: Дали господинот Борисов може да очекува после изборите да формира влада со истите партнери или ќе има потреба да ја прошири коалицијата за да може да ја формира владата?

ГАНЕВ: Тој задолжително треба да ја прошири коалицијата ако сака да има мнозинство во Парламентот, бидејќи неговите сегашни партнери од „Обединети патриоти“ коишто се коалиција од три партии патриотски и националистички формации. Таа коалиција се распадна во последните 4 години и сега ВМРО една од партиите ќе се јави самостојно на изборите. Атака исто така ќе оди самостојно на изборите, а третата партија во таа коалиција направи предизборна коалиција со „Волја“ на Веселин Марешки. Таа коалиција што досега ја поддржуваше Владата нема да се појави во истиот формат. Отворено останува прашањето дали ВМРО ќе успее да влезе самостојно во Парламент.

ZOOM.MK: Што велат анкетите дали ВМРО на Каракачанов ќе влезе во Собрание?

ГАНЕВ: На работ… малку над 3 отсо. Во Бугарија ценсузот за влез во Парламентот е 4 отсто. Тие во моментот имаат 3 и нешто. Зависи од следните два месеци и се разбира од активната кампања. Проблемот на социолозите е, не само во Бугарија туку и во сите земји, е тоа дека очекуваме помала гласачка излезност од традиционалната. Заради тоа многу тешко може да се направи точна прогноза која партија колку ќе добие, и соодветно дали ќе влезе во Парламентот.

ZOOM.MK: Ако националистите не успеат да влезат во Парламентот со кого Бојко Борисов може да состави влада?

ГАНЕВ: Другите партии што ќе бидат во Парламентот се: ДПС, тоа е партијата која го претставува турското етничко малцинство, а и не само. Таа ќе има традиционално стабилна позиција и ќе има помеѓу 25-30 пратеници. Има нов политички субјект којшто се нарекува „Има таков народ“ на шоуменот Слави Трифунов. Неговата партија во моментот според социолошките истражувања се наоѓа на третото место. „Демократска Бугарија“ којашто е коалиција од различни партии либерални, десни, зелени, исто така ќе има пратеници во Парламентот, но и партијата на Трифунов и „Демократска Бугарија“ велат дека по никаков начин нема да коалицираат со ГЕРБ.

ZOOM.MK: Исклучуваат секаква можност?

ГАНЕВ: Засега исклучуваат секаква можност, но ние во Бугарија сме виделе многу пати да се ветуваат многу работи пред изборите дека нема да се прави коалиција со одредена партија.

ZOOM.MK: Дали има шанси да се формира голема коалиција, во смила ГЕРП да коалиција со Социјалистите?

ГАНЕВ: Јас не исклучувам никакви варијанти, сите опции се отворени, но изгледа дека е многу тешко остварливо во политичка смисла, бидејќи и едната и другата партија ќе имаат огромни штети. Штети врз имиџот од една таква коалиција, но повторувам не ја исклучувам. Варијантата за којашто ние зборувавме со вас е неможноста да се состави нова Влада и да се оди на нови избори. Тоа не треба да се исклучува.

ZOOM.MK: Колку е веројатна таа опција?

ГАНЕВ: Според мене под 50 проценти, но е отворена опција макар и помалку веројатна отколку да се состави кабинет.

ZOOM.MK: Кои прашања ќе бидат клучни за Бугарите на овие избори?

ГАНЕВ: Ако имаме нови избори по редовните ли?

ZOOM.MK: Не, кои се прашањата што ќе ги мотивираат нив да гласат? Невработеност, економски прашања?

ГАНЕВ: Што ги мотивира Бугарите да гласаат…

ZOOM.MK: Што е тоа што најмногу ги мотивира да гласаат и да поддржат некоја политичка опција?

ГАНЕВ: Двете големи партии си имаат т.н цврсто гласачко тело коешто секогаш гласа за нив, независно од ситуацијата, тоа се ГЕРБ и БСП. Во случајот поинтересна е новата партија на г. Трифунов „Има таков народ“, за која што основната мотивација да се гласа е т.н казнено гласање. Бидејќи тие велат „Ние сме против сите. Ние сме против статус квото, ние сакаме да ги исчистиме тие политички партии, политички лидери“ и соодветно, дел од Бугарите ќе гласаат за нив, за да има некаква промена итн. Инаку и ГЕРП и БСП и ДПС си имаат цврсто гласачко тело, коешто си гласа за тие партии.

ZOOM.MK: Формацијата на г. Трифунов повеќе е наклонет да коалицира со ГЕРП или БСП?

ГАНЕВ: Тој вели дека е еднакво разграничен од двете политички партии и од ГЕРБ и од БСП.

ZOOK.MK: Што значи дека е отворен да коалицира со двете партии? Може Трифунов да биде факторот кој ќе одлучува кој ќе прави влада?

ГАНЕВ:  Точно. Има две варијанти за соствување на Влада, најопшто речено. Едната варијанта е Влада околу ГЕРБ, а другата варијанта е Влада околу БСП. Да се состави Влада без учеството на ГЕРБ или на БСП е практички невозможно. Тоа значи дека или околу едната или околу другата. Трифунов може да се факторизира како т.н king maker- оној којшто одлучува. Во случајот тој може да ја има улогата на некаков тип на балансер кој што ќе кажува со оние или со овие.

ZOOK.MK: Една од прашањата на која Вие правите истражувања се односите меѓу Бугарија и Северна Македонија. Бугарија не поддржа почеток на преговори пред Нова година поради одредени резерви. Какво е јавното мислење во Бугарија за таа позиција на бугарската влада?

ГАНЕВ: Ние сме ги тестирале гласите на Бугарите во однос на одложувањето на преговорите на С. Македонија со ЕУ во декември. Тогаш над 70 отсто од Бугарите застанаа позади позицијата на бугарската Влада. Не гледам услови или тоа да се смени на некаков начин до овој момент. Треба да имаме предвид дека тоа не е само позиција на бугарската Влада. Тоа е позицијата и на најголемата опозициска партија БСП. И како што си зборувавме пред малку со Вас, Влада може да се состави околу ГЕРБ или околу БСП. Во таа смисла ставот на некои македонски политичари дека ќе има промена на бугарската позиција во однос на зачленувањето на С. Македонија во ЕУ по нашите избори не можам да речам дека е толку возможно, бидејќи сега тие велат заради ВМРО, заради нашето ВМРО, Бугарија го одложува почетокот на преговорите, но и ГЕРБ и БСП се на истата позиција. Бидејќи Владата ќе биде формирана од некои од тие партии, веројатно позицијата на Бугарија ќе продолжи да биде иста.  Во таа смисла ако се бара некој пробив во тој однос, сигурно е дека тие две партии ќе бараат Македонија да направи некакви чекори во одредена насока за да можат тие да кажат ОК, добро, направивте  компромис сега и ние ќе направиме одреден компромис за да можеме да се движиме напред, бидејќи и Бугарија и С. Македонија се еднакво заинтересирани за тоа С. Македонија да стане дел од ЕУ.

ZOOK.MK: Значи дека се нереални очекувањата на некои кругови во Скопје дека после изборите Бугарија ќе го смени ставот?

ГАНЕВ: Нема партија во Бугарија, ниту од големите, ниту од помалите, која да вели… можеби само „Демократска Бугарија“ имаат поразличен став… Но двете големи партии околу кои ќе се состави новата Влада стојат на истата позиција од последните неколку месеци а имено на одлагање на започнувањето на преговорите.

ZOOK.MK: Клучни позиции на Бугарија се околу историското наследство меѓу двата народа. Зошто е толку битно тоа за Бугарија, дури слушав и такви коментари дека тоа е и безбедносно прашање?

ГАНЕВ:  Видете, Македонија е традиционално прашање во Бугарија во последните повеќе од 100 години. Во моментот интерпретацијата е дека Македонците се обидуваат да прават некаква кампања против Бугарија. Така некако звучи, макар и да не е сосема коректно. Така се претставува тука во Бугарија.

ZOOK.MK: Каде се тие точки каде двете страни би се нашле?

ГАНЕВ: Според мене треба да се направат компромиси и чекори во оваа насока од двете страни. Тешко ми е да дадам категорично мислење, што е тоа што Македонија треба да отстапи за да можеме да одиме заедно напред.

ZOOK.MK: Сепак верувате дека се можни такви компромиси?

ГАНЕВ:  Апсолутно сум сигурен дека е возможно и сум оптимист дека порано или подоцна како последица на мудри потези од едната и од другата страна, во крајот на краишта, ќе се тргне во тој процес. Пак велам, Бугарија е заинтересирана за зачленувањето на С. Македонија во ЕУ. И не само на С. Македонија туку и на сите земји од Западен Балкан. Да потсетам дека за време на бугарското претседателство на Советот на ЕУ, еден од приоритетите за којшто Бугарија се бореше, беше имено за зачленувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Тоа се случи само пред две години… пред три, 2018 година.

ZOOK.MK: Г-дине Ганев благодарам на разговорот.

ГАНЕВ: И јас ви благодарам  за одделеното време и за можноста!