Со зачленување во НАТО Северна Македонија оствари една од најважните стратешки цели, смета полковникот Зоран Јанковиќ, шеф на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, во ексклузивно интервју за ZOOM.MK.

“Верувам дека Вие сте сега во едно семејството што заеднички со вас ќе и’ овозможи сигурност на вашата земја, на овој регион. Ќе се подобри безбедноста, тоа веќе се случува, што всушност е и најзначајното во сево ова, и гледам многу други можности што ќе бидат резултат на подобрената безбедност во регионот”, оценува полковникот Јанковиќ.
Тој е многу горд што мисијата на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје е завршена со целосен успех.

„Како полноправна членка сега имате две позиции во Командната структура на НАТО, имате ваша делегација во рамките на оваа структура во Брисел, во Монс, во Норфолк и на други места, така што, се очекува да ги пополните тие позиции и да дадете Ваш придонес во рамките на командната структура на НАТО и нејзиниот процесот на одлучување“, вели Јанковиќ.
Во врска со одбивањето на НАТО да му даде безбедносен сертификат на полковникот Секуловски, кој требаше да биде шеф на воената мисјата на Северна македонија во Брисел, Јанковиќ смета дека не секој добива безбедносен сертификат затоа што така се прецедурите на НАТО.
„Уверен сум дека со постоечките процедури, со воспоставените политики, ќе се овозможи избор на прави кадри за потребните позиции“, истакнува шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, словенечкиот полковник, Зоран Јанковиќ.

Во продолжение можете да го проследите целото интервју:

ZOOM.MK: Господине Јанковиќ, благодарам што прифативте разговор со Zoom.mk.

ЈАНКОВИЌ: Благодарам на Вас.

ZOOM.MK: Која беше улогата на Вашата канцеларија за зачленување на Северна Македонија во НАТО?

Јас всушност пристигнав во Скопје во 2018 година и, како што рековте, мојот мандат завршува веќе кон крајот на месец март оваа година. Може да се каже дека главната улога на Канцеларијата за врски на НАТО е да советува и помага, значи има една советодавна улога за државните органи и верувам дека е од големо значење да се советува власта, не само во тек на процесот на зачленување, туку и како држава-партнер.
Во времето кога бевте држава-партнер, ние Ве советувавме како да ги следите овие процедури, како да стигнете поблиску до тоа членство и така натаму. Почнувајќи од моментот кога станавте полноправна членка, ние Ве советувавме, како што правевме и порано, во врска со две главни прашања – првата беше во однос на трансформацијата на вооружените сили, на одбранбениот систем, се разбира; и второто беше интегрирањето во структурите на НАТО.
Како полноправна членка сега имате две позиции во Командната структура на НАТО, имате ваша делегација во рамките на оваа структура во Брисел, во Монс, во Норфолк и на други места, така што, се очекува да ги пополните тие позиции и да дадете Ваш придонес во склоп на командната структура на НАТО и нејзиниот процесот на одлучување.
Нашата улога беше да советуваме, заеднички да ја подготвиме потребната документација и да ве упатиме во новите процеси. Како дел на НАТО, една од најзначајните работи е процесот на одбранбеното планирање на НАТО, каде што се разгледуваат можностите, нивото на амбициозност, за вашиот придонес во однос на капацитетите кои заеднички ќе ги споделиме во случај на потреба…значи воглавном бевме ангажирани во овој правец.

ZOOM.MK: Вие имавте среќа затоа што еден долг процес на реформи и активности во правец на исполнување на условите за да станеме членка на НАТО практично заврши или се затвори успешно во Ваше време. Како го оценувате Вашиот конкретен, личен придонес како шеф на мисијата во овој процес?

ЈАНКОВИЌ: Всушност јас бев на право место, во право време. Најпрвин би сакал да се заблагодарам на моите претпоставени кои ме назначија на оваа многу важна позиција, кога тоа беше потребно.
Се разбира, ние не знаевме дека полноправното членство ќе се случи токму во време на мојот мандат, но секако јас сум благодарен за оваа можност.
Освен ова, важно да се напомене дека претходно ми се укажа можност да служам 4 години во Брисел и една година во една слична канцеларија за врски на НАТО во Белград, каде што стекнав многу искуство потребно за да се води една ваква канцеларија и да се даде максималниот придонес во советување на властите тука. И морам да кажам дека мисијата всушност е остварена, за што сум многу горд.

ZOOM.MK: Како се чувствувате кога гледавте како се крева македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел?

ЈАНКОВИЌ: Тоа беше еден многу посебен момент. Како ште веќе знаете, ние го кренавме знамето и тука во Скопје заедно со сите највисоки државни претставници: Претседателот на државата, министри, Претседателот на Собранието, и навистина беше едно многу емотивно чувство.
Уверен сум дека е многу важен момент за вас, за вашата земја, за жителите на оваа земја, бидејќи сметам дека со ова вие ја постигнавте една од најважните стратешки цели на надворешната политика.
Верувам дека вие сте сега во едно семејството што заеднички со вас ќе и’ овозможи сигурност на вашата земја, на овој регион. Ќе се подобри безбедноста, тоа веќе се случува, што всушност е и најзначајното во сево ова, и гледам многу други можности што ќе бидат резултат на подобрената безбедност во регионот.

ZOOM.MK: Какво е Вашето искуство во соработката со македонските колеги?

ЈАНКОВИЌ: Искуството со нив е одлично. Го кажувам ова дека ја имав можноста да се сретнам со највисоките државни претставници: со Претседателот, со Премиерот, со Министерот за одбрана, со Министерот за надворешни работи, со Претседателот на Собранието, со Началникот на Генералштабот, со Државниот секретар. Со сите нив имам редовни состаноци, но најважно од се’ е дека јас ја имав можноста да ги посетам сите единици на армијата, за да видам како беа пред една или две години и каде се сега.
Гледам дека има подобрувања во вашата подготвеност, во вашите капацитети, подобрувања во различни сегменти преку обезбедување на различна опрема. Гледам дека вие ги модернизирате вашите вооружени сили, што ќе биде во корист на вашата држава, како и за НАТО.

ZOOM.MK: Господине Јанковиќ, полковникот Секуловски не доби НАТО сертификат да биде шеф на воената мисија на Северна Македонија во НАТО. Дали ова може на некој начин да ја наруши довербата на НАТО во нас како најмлада членка на НАТО?

ЈАНКОВИЌ: Не верувам, бидејќи ова е вообичаена безбедносна процедура во рамките на безбедносните политики на НАТО и на Вашата национална регулатива. Јас сум сигурен дека такви случаи има во сите нови држави-членки. Кога Словенија стана членка на НАТО, и ние имавме такви случаи и не секој доби безбедносен сертификат. Истото ќе се случува и тука во Северна Македонија. Не сметам дека со ова се нарушува довербата кон вашите власти, туку само како дел од една вообичаена процедура во секоја земја-членка.

ZOOM.MK: Не е спорно дека такви грешки можат да се направат, но како ние реагираме на тие грешки? Ако е направена грешка, некој мора да одговара. Овде во Македонија никој не одговара. Бидејќи никој не одговара, се плашам дека вакви грешки ќе направиме и во иднина.

ЈАНКОВИЌ: Видете, постојат процедури и вие како нова држава-членка можеби се’ уште не сте упатени во се’, но сепак јас верувам дека не е грешка да се предложи било кој. На почеток нема да се бара високо ниво на безбедносен сертификат за многу лица, но понатаму се’ повеќе и повеќе ќе зачести потребата за високо ниво на безбедносен сертификат. Затоа уверен сум дека со постоечките процедури, со воспоставените политики, ќе се овозможи избор на прави кадри за потребните позиции.

ZOOM.MK: Што мислите, кои се клучните предизвици на Северна Македонија во наредниот период, како најнова членка на НАТО?

ЈАНКОВИЌ: Како прво, како што веќе кажав, процесот на интеграција се’ уште не е завршен, но верувам дека наскоро ќе заврши. Како второ, се разбира дека модернизацијата и придонесот се исто така значајни.

Кога збориме за таканаречениот три-К приод: кеш (пари), капацитети и контрибут (придонес), сигурно дека ова претставува предизвик од самиот почеток, се’ додека не се интегрираат сите процеси во рамките на Министерството за одбрана и во рамки на другите институции во Северна Македонија. Бидејќи, не е само обврска на Министерството за одбрана и армијата да се справи со безбедносните предизвици на НАТО, туку треба менаџирање и сеопфатен приод во областа на безбедноста.
Во однос на предизвиците, сигурно дека постојат предизвици, како за другите земји, така и за Северна Македонија, и овие предизвици се поврзани со начинот на целосна интеграција и менаџирањето на процесот на одбранбеното планирање на НАТО, како и на другите процеси кои се однесуваат на различни безбедносни предизвици.

Јас гледам дека вие сте почнале со овој процес, гледам дека во вашето Министерство за одбрана и армијата имаше реорганизација, и верувам дека сте на прав пат да ги надминете тие предизвици.
Сепак, кога збориме за безбедносните предизвици, во тој случај не треба да се заборави НАТО 2030 и затоа ние треба да се фокусираме на тоа што ќе ни биде потребно во следната деценија, имајќи предвид дека министрите веќе дискутираат за тие предизвици и како да се справат со нив како дел од НАТО.
Сигурно дека ќе има еден дел наменет за Северна Македонија за модернизација и интеграција која се однесува на различни безбедносни предизвици, потребниот придонес во различни мисии и така натаму, со цел зголемување на вашата подготвеност и интервентната способност на вашата армија. Ова секогаш ќе биде предизвик, не само за Северна Македонија, туку и за сите земји-членки.