Интер им ја прекина серијата на Јувентус од девет титули во низа, но Јувентус на Интер ја прекина серијата без порази оваа сезона која траеше 20 натпревари. Попладнево вистинско дерби на Италија, кое сепак не одлучуваше кој ќе биде шампион. Интер уште пред две кола ја обезбеди титулата, прва по 11 години, но Јувентус се бори за место кое носи пласман во ЛШ. Па, успеа да остане во игра, бидејќи го совлада големиот ривал, или новиот шампион со 3:2. Вкупно пет голови, два пенали, два црвени картони. Тоа е вистинското дерби. Роналдо погоди за предност на Јувентус, отако не успеа од прв обид од пенал во 24-та минута. Десет минути подоцна Лукаку врати од иста позиција за 1:1. Во самиот финиш на првиот дел прекрасен гол на Квадрадо за ново водство на Јувентус.

По само 10 минутти игра во вториот дел Јуве останува со играч помалку откако Бентакур доби втор жолт картон. Интер ја искористи предноста, но голот за 2:2 е дело на Кјелини кој постигна автогол во 83-та минута. Сепак, херој на домаќините е Квадрадо кој во 88-ма постигна уште еден гол, втор за него, за конечни 3:2. Во самиот финиш на мечот Интер исто така остана со 10 играчи откако Брозовиќ доби втор жолт картон.

До крајот има уште едно коло. Интер е шампион, Јуве сега е на четвртото место, но не зависи се од него, туку и од тоа како Наполи и останатите конкуренти за излез во Европа ќе одиграат.