Од СДСМ оценуваат дека оваа влада има пари за луксуз, за привилегии, за богатите, но не и за народот, работниците, кои се темелот на секое општество, и се нападнати затоа што бараат само едно: фер и достојна плата.

За Симона Цветаноски, членка на ИО на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ отворено застана против работниците, правејќи сè за да ги замолчи оние кои бараат подобар живот. Наместо да ги зголеми платите, како што вели, оваа власт води валкана кампања, со лаги и притисоци, за да ги уништи сите организации кои се независни и го креваат гласот против неправдите.

Целта според Цветаноски е јасна – да се заплашат работниците и сите што бараат правда.

„Да се создаде атмосфера во која никој повеќе нема да се осмели да побара нешто што оваа власт не сака да го даде. ВМРО-ДПМНЕ ВОДИ битка против секој што се осмелува да бара подобар живот, против секој што се спротивставува на диктатот на ДПМНЕ.

Во минатото, ВМРО-ДПМНЕ глумеше поддршка за работниците, но сега вистинското лице е откриено. Ги користеа кога им требаа за политичка пресметка, а сега сакаат да ги замолчат засекогаш.

Но, лагите и заканите нема да ги спречат работниците да се борат. СДСМ останува доследна и ќе продолжи да ги поддржува сите што бараат правда“.

Како што рече, ВМРО-ДПМНЕ сака да создаде тишина и страв, но тоа нема да се случи. Нагласи дека работниците нема да бидат замолчени и дека СДСМ ќе биде тука, во таа борба, сè додека секој работник не добие плата со која може да живее.