Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конфренција за економските политики на Владата, предупреди дека граѓаните сè повеќе тонат во сиромаштија, додека власта свесно одбива да интервенира со мерки за справување со инфлацијата и растот на цените.

„Она што станува сè појасно е дека оваа власт свесно ја разгорува инфлацијата, бидејќи им го полни буџетот и им ги зголемува профитите на блиските фирми. Граѓаните плаќаат, олигарсите заработуваат. Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност. Што друго може да го објасни фактот дека власта ништо не презема за инфлацијата и растот на цените“, изјави Филипче.

Тој посочи дека додека соседните држави, вклучително и Србија, редовно носат мерки за контрола на цените и заштита на стандардот, македонската Влада останува целосно пасивна.

„Сите земји во околината, вклучително и Србија, имаат редовни и навремени мерки за цените и инфлацијата. Кај нас тоа веќе не е тема – власта нема намера да регулира буквално ништо за да ги заштити граѓаните“, рече Филипче.

Во однос на изјавата на премиерот Мицкоски дека платите „не смееле да растат затоа што имало инфлација“, Филипче изјави дека тоа е економска неукост.

„Продуктивноста расте само ако платите растат – тоа е елементарна економска логика. Или, ако сака премиерот со конкретни бројки – нашата продуктивност е 55% од европскиот просек, а платите само 35%. Значи проблемот не е во работниците – проблемот е во владата што ги држи платите ниски за да им одговара на бизнис-елитите“, рече Филипче.

При тоа, тој посочи дека цените во Македонија достигнуваат 60% од европскиот просек, додека платите остануваат далеку под нивото – само 35% од европскиот просек.

„Сите економски експерти на власта постојано повторуваат дека кај нас се живеело добро ако биле ниски платите, а куповната моќ била висока. Но фактите повторно зборуваат друго. Македонската просечна плата е само 35% од просечната плата во ЕУ, а цените достигнуваат 60% од европскиот просек на цени. Поразително е тоа што го покажуваат последните податоци на Евростат“, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.