Копретседавачот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања од бугарска страна, проф. Ангел Димитров, даде изјава по завршувањето на последниот состанок на комисијата. Разговорите на 14-тиот состанок беа водени преку видео-конференциска врска на 10 и 11 јуни 2021 година.
„Бев убеден дека и покрај сериозните проблеми и фундаменталните разлики, ние сме Заедничка комисија, но од денешниот 14-ти состанок почнувам да се прашувам дали тоа е навистина така“, рече проф. Ангел Димитров.
Проф. Димитров објаснува дека на претходната средба било предложено да се претстави примерок за тоа како би изгледал еден час по историја.
„На наше големо изненадување, скоро 2 месеци по оваа средба, нашите колеги предложија нешто не само изненадувачко, туку потполно туѓо за природата на работата на оваа комисија – теоретска рамка во која се фетишизира правото на секој да си ги толкува историските настани како што ќе посака. Ова категорично отстапува од поимот мултиперспективност во дидактичка и едукативна смисла“, објаснува професорот.
„Искрено се надеваме дека летните месеци ќе дадат можност да се преиспита овој став кон работата“, додава проф. Димитров.
Претходниот состанок на Заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Република Северна Македонија во април исто така заврши без резултат.