Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во легитимирање на криминалот и корупцијата, во анти ЕУ кампањата за изолација на земјата, во планот за предвремени избори и мигранти за пари, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Тој обвинува дека „тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени, не сакаат реформи за ЕУ туку покритие за намерна изолација на земјата“.
„Им се брза, им ја откивме корупцијата, им ги разоткривме плановите за мигранти, нема пари во буџетот. Сакаат да ја укинат техничката влада затоа што не сакаат опозицијата да влезе во министерствата, да не се види што сè правеле со трошењето на парите на граѓаните на Македонија. Антикорупцискиот тим на СДСМ изнесе само дел од работите и скандалите, можете само да замислите што сè се случува таму. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерствата. Тоа е главниот проблем. Скандалот со ИПАРД 3 видовте, има и уапсен директор од ВМРО заради корупција и злоупотреба на европски пари. Можете да замислите што сè се случува во Министерството за земјоделство. Затоа не сакаат да ја пуштат опозицијата во министерството. Затоа не сакаат техничка влада“, вели Димитријевиќ.
Тој додава дека „злоупотребата на полицијата после целосната партизација е уште еден инструмент за притисок, сила, закани и уцени но и за заштита на криминалци“.
„Покрај оние 161 тендер за една фирма, 51 тендер за друга, 9 милиони евра тендери за трета, 1,2 милиони евра тендри во Пошта може само да замислите што се прават. Не сакаат да има техничка влада – за опозицијата да не влезе и да не види што сè правеле“, рече Димитријевиќ.
Според него, техничката влада мора да остане затоа што таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори.
„Актуелната власт на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. Воспоставена е целосна контрола на обвинителството, се врши притисок врз Судскиот совет, се носат измени на Кривичниот закон за спас на актуелните функцонери, се партизира и се злоупотребува полицијата. Се носат резолуции со кои што практично се укинува слободата на говорот на опозицијата“, рече Димитријевиќ и истакна дека СДСМ ќе ги искористи сите демократски механизми, да го заштити изборниот процес и слободната волја на граѓаните.























