После скандалот со ИПАРД на повидок е уште еден во низата коруптивни скандали во ресорот земјоделство. И тоа на штета на земјоделците и на лозарите, истакна на прес-конференција Александар Димитриевски од СДСМ.

„Според нашите информации, пред три дена, на 25.11.2025 на владина седница е донесена одлука за дополнување на програмата за интервентен фонд со мерка за доделување на финансиска поддршка за откупен килограм грозје, ама не за лозарите, туку за винариите. Оваа одлука се уште не е објавена во Службен весник. Но внимавјате сега, одлуката не е за 2, не е за 3, туку за 10 денари по откупен килограм да им се додели на винариите! Владата на Мицкоски и министерството на Трипуновски нема пари по 3 денари да им даде на лозарите ама ќе им дава 10 денари по килограм на винариите откако преходно им даде 2 денари“.

Според него, она што е запрепастувачки, е што периодот е само за откупено грозје во периодот од 17.09.2025 – 31.10.2025 година.

“Оваа наменска мерка на владата значи финансиска поддршка само за многу мал број на винарии, а не за лозарите. Зошто мал број винарии се поважни од лозарите? Второ, висина на финансиската поддршка од десетина милиони денари е оргомна а се однесува на мал број на корисници. Трето периодот за кој истата ќе важи. Го прашуваме министерот Цветан Трипуновски врз основа на која анализа е донесена ваквата мерка? Дали е дискутирана со подсекторската група и дали наидува на одобрување на производителите и откупувачите? Дали оваа мерка е креација на договор во четири очи и однапред се знае кој ќе ги добие парите?

СДСМ бара Владата да ја поништи оваа одлука веднаш бидејќи е на штета на лозарите и затоа што е основа за корупција, вели Димитриевски.

Побара, Антикорупциската комисија, Обвинителството и сите други надлежни институции за злоупотреба на парите на граѓаните да го испитаат овој, акко што рече, крајно коруптивен скандал и да реагираат.

„Станува збор скандалозен обид за испумпување на државни средства и поигрување со секој вреден земјоделец кој со месеци чека на државната финансиска поддршка. Трипуновски одби да ја објави производствената цена на најзастапените вински сорти Вранец и Смедеревка. Ова одбивање на почитување на Законот донесе срамни откупни цени за трудот на лозарите на сметка на откупувачите. Понатаму го одбија предлогот на СДСМ за носење на закон за доделување на финансиска поддршка од дополнителните 3 денари за предаден килограм грозје.
Нема пари за лозаропроизводителие, нема субвенции за одгледувачите за овци, млекопроизводителите, градинарите, органските производителите и регистрираните земјоделци.
Но очигледно власта има пари да дели и тоа по дополнителите 10 денари по килограм откупено грозје на мал број откупувачи кои дополнително се богатат на маката на лозарите“.

Потенцира дека корупцијата во земјоделството мора да биде запрена веднаш.