ВМРО-ДПМНЕ започна со режимските практики пред избори. Кривичната пријава за градоначалникот на Крива Паланка е срамен притисок и црна кампања на власта против успешните градоначалници на СДСМ, изјави генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Според него, ова не е изолиран случај и рече дека во сите општини каде што раководи СДСМ, започната е инструментализирана кампања за притисок од сите можни институции.
„Се вршат инспекции и се измислуваат прекршоци, а во другите општини со кои раководат ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН ништо не се проверува и нема инспекции. Додека Тошковски срамно го брани криминалот на Висар Ганиу од 225 милиони евра, на оние кои чесно работат им измислува кривични пријави за да врши терор и заплашување. Тошковски и Мицкоски мижат пред криминалот на ВЛЕН молчат за десетици скандали со местени тендери кои ги објави за нивните градоначалници, но измислуваат криминал кај СДСМ и нашите кандидати“, рече Димитријевиќ.
Според него, ова е удар врз демократијата и слободата, врз правниот поредок.
„Тошковски треба да се срами што извршува вакви партиски задачи и што го злоупотребува МВР за партиски цели. Кога ВМРО-ДПМНЕ не знае како да се спротивстави и знае дека ќе изгуби, тогаш не бира средства – уништуваат семејства, газат по законот и заплашуваат“, рече тој.
Димитријевиќ им се обрати на членовите и функционерите на СДСМ со зборовите: „Не смееме и нема да потклекнеме пред овие закани“.
„Ваквиот режим еднаш го преживеавме и победивме со упорност и со борба, со чесна работа и истрајност. Сега е потребно да се спротиставиме со цела сила, со фактите и вистината и граѓаните ќе препознаат кој е чесен, а кој режимски инструиран политичар. СДСМ ќе продолжи да го разткрива режимскиот карактер на оваа власт кој само продолжува онаму каде што Груевски застана“, рече Димитријевиќ/ Макфакс