„Шамија може во џамија да носиш, а во училиште ти е забрането“, со овие зборови и се обратија класната раководителка, а подоцна и педагогот и психологот на шестооделенката Алејна Исмаиловска која реши да носи марама, во основното училиште „Малина Попиванова“, Кочани.

Таткото Енѓул Азизов, за ЦИВИЛ вели дека откако отиде во училиштето да побара објаснување зошто неговото девојче не смее да носи марама, која впрочем ја носи заради Рамазанскиот пост (само еден месец), беше брутално исфрлен од училиштето од педагогот со зборовите: „Излезете надвор и ако девојчето дојде утре со шамија во училиште нема да ја примиме. Ќе ми носите шамии тука… ова не е Скопје или Тетово“.

По заканите дека нема да и се дозволи на Алејна да посетува настава ако продолжи да носи марама, денеска во училиштето „Малина Попиванова“ во Кочани беа Заменик министерот за правда, Агим Нухиу и Државниот секретар во Министерството за правда, Мухамед Точи кои разговараа со директорот Благој Петров и донеле заклучок дека ученичката Алејна Исмаиловска ќе продолжи да ја следи наставата со шамија.

„Родителите кажале дека Алејна беше спречена да продолжи со настава заради шамијата во училиште во Кочани! Шамијата на една од нашите сестри не е презир, туку благодарност од секој што ќе реши да ја носи! Никој не може да биде над законот! Правда и достоинство за сите“, објави Нухиу на Фејсбук на македонски, албански и ромски јазик.

Од основното училиште „Малина Попиванова“ во Кочани, за ЦИВИЛ велат дека дека ученичката Алејна не била навредувана, ниту имала забрана за посетување на настава, ниту во училиштето има забрана за носење на марами од страна на ученичките.