„Состојбата со дезинформациите кај нас е слична како и во целиот регион откако започна инвазија на Русија против Украина. Таа кампања, таа активност се зголеми многукратно, неспоредливо поголема е активност на пропагандните центри што е во континуитет со руското влијание и пропаганда во земјата со години наназад“, изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, во контекст на придонесот за „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“.
Оценувајќи ја состојбата со дезинформациите и пропагандата, Дерала потенцираше дека со нив се занимаваат и домашните центри на моќ, поточно политички партии пред сѐ. Во зависност од мотивите и поставените цели, вели Дерала, можеме да зборуваме за повеќе видови на пропаганда.
„Освен руската, најголема видливост има националистичката пропаганда, која најчесто се служи со дезинформативни кампањи, но и со говор на омраза насочен кон политичките противници, но и разни етнички заедници. Дезинфомрациите и пропагандата во нашата земја се доминантни и на социјалните мрежи, но ги има и во голем број на медиуми, дури и во оние што се сметаат за големи традиционални медиуми. Дел од нив не се воздржуваат од ширење пропаганда и дезинформации“, вели Дерала.
„Во последниот период забележливо е дека руската пропаганда дополнително го поларизираше македонското општество по различни линии, а се разбира дека треба да се истакне и штетната улога која ја одиграа и медиумите за време на оние последни денови пред да започнат преговорите со ЕУ. Се забележа дека медиумите не доволно ја сфатија својата општествено важна улога, а беа платформа за разни националистички, антиевропски и антизападни центри, односно цели“, изјави Дерала.
„ЦИВИЛ како организација која постои веќе 23 години, со години наназад работи со борба против дезинформациите и пропагандата на најразлични начини. Пред сѐ тоа го прави и преку мониторингот на медиумите. ЦИВИЛ мониторинг тимот секојдневно работи на следење на состојбите во медиумите, но и на социјалните мрежи. ЦИВИЛ ги следи состојбите и на терен и прибира информации како се шират, креираат и какво дејство имаат дезинформациите и пропагандата“, истакна Дерала.
Медиумската платформа на ЦИВИЛ на македонски, албански и англиски јазик постојано пласира содржини кои ги разобличуваат дезинформациите, вели Дерала, додавајќи дека медиумите не треба да бидат огласни табли за секакви информации, туку да имаат етички и професионални стандарди во нивната продукција.
„Невладините организации, исто така, можат да направат многу повеќе за да се спротивстават на дезинформациите и пропагандата, особено во овој мрачен период, против руската пропаганда и се разбира против анти-западната и националистичката пропаганда, бидејќи тие се прилично поврзани“, рече Дерала.
Превземено од Цивил Медиа