Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски верува дека може подобро и посилно да се рааботи на изградба на Коридорот 8 затоа што сите соседни држави ги градат нивните патишта.
„Ние мораме да бидем конкурентни и да ги затвориме нашите коридори за да не се случи при некоја идна распределба да загубиме некој од овие коридори. Ние мораме цврсто да се бориме не само на политичката карта туку и на мапата на инсфраструктурата“, вели министерот Бочварски во интервју за порталот zoom.mk.
Бочварски признава дека има застој околу изградбата на автопатот Кичево Охрид поради лошото проектирање за што требало да се репроектира 25 посто од проектот, посебно косините.
Тој негира дека поради надворешно влијание во земјата има напори да се одолговлекува изградбата на Коридорот осум.
Во врска со изградабата на пругата кон Бугарија, Бочварски очекува до крајот на годината да се избере нов изведувач на работите, а следната година да почне изградбата на првите две делници.
Не гледа проблем што во земјата се градат автопатишта надвор од европските коридори затоа што владата работи и на изградба на преостанатиот дел од автопатот од Коридорот осум од Ќафасан до Деве Баир.
Според него, автопатот од Скопје до граничниот премин Блаце на косоваската граница долг од 12 километри можело да се гради побрзо, но сепак е задоволен од брзината на реализација на проектот.
Бочварски во интервјуто збори и за новините на Законот за легализација на дивоградбите, кој се очекува брзо да помине во влада, а потоа да влезе и во собраниска процедура./Zoom