Политиката на Москва има корист од раздорот, замрзнати конфликти и нерешени проблеми на Балканот, бидејќи нејзиниот глас може да се слушне во такви ситуации, вели во ексклузивно интервју за Zoom.mk, познатиот бугарскиот дипломат, Боби Бобев, поранешен амбасадор во Албанија и Косово.

ВИДЕО: https://fb.watch/4eX36B077O/

Амбасадорот Бобев смета дека руската економија не е еднаква на нејзиниот воено-политички потенцијал и освен снабдување со енергетски ресурси, не може да обезбеди економско влијание, ниту во пријателска Србија, која има најголема трговска размена со ЕУ него со Москва.

„Општо земено, Русија е незадоволна од целокупната ориентација на земјите од регионот кон европска и евро-атлантска интеграција, бидејќи овој тренд е во спротивност со нејзините надворешно-политички цели за зајакнување на своето влијание на Балканот. Негативните реакции на Москва за членството на Црна Гора и Северна Македонија во НАТО се исто така доказ за тоа. Може да се каже дека на Балканот, Русија има вистинско влијание, освен во Србија, во областите населени со Срби во некои други земји, како што е Република Српска во БиХ или српското население во Црна Гора“, истакнува амбасадорот Бобев.

Освен негативното руско влијание, тој смета дека земјите од Балканот стојат лошо и во поглед на економскиот  и социјалниот развој затоа што има високо ниво на корупција и организиран криминал.

„Многу работа треба да се заврши за да се исполнат стандардите на ЕУ во сите области. Постојат и жаришта – на пример, целокупната состојба на Б и Х, нерешените проблеми меѓу Приштина и Белград, потребата Северна Македонија целосно да ги спроведе воспоставените договорни односи со Грција и Бугарија, проблемите меѓу Атина и Анкара“, подвлекува Бобев.

Во врска со победата на Албин Курти на последните избори во Косово, бугарскиот дипломат очекува Курти лесно да формира влада, а повеќе напор ќе му треба да избере нов претседател.

„Тој го прогласи приоритетот на економскиот развој со создавање нови работни места, правосуден систем, владеење на правото и борба против корупцијата и се надевам дека тоа ќе се случи“, смета Бобев.

Тој предупредува дека Курти ќе направи стратешка грешка ако не покаже интерес за дијалогот со Србија и ако инсистира на идејата за обединување со Албанија, која ќе наиде на остро спротивставување на Вашинготн и Брисел./Zoom.mk