Главната прослава за Нова година во САД, која обично се одржува во Њујорк на Тајмс сквер, беше затворена за јавноста поради пандемијата. Ова се случува првпат по повеќе од половина век.
Наместо собири на десетици илјади њујорчани и гости на градот, а тоа важи и за сите слични прослави во другите метрополи на Америка, со многу народ кој слави со огномети, овојпат за Нова година во САД беше сосема поинаку.
Сепак, главниот елемент на прославата, кристалната новогодишна топка се спушти, но виртуелно. Кристалната топка, мерило за сите Американци кои во најлудата ноќ застануваат и ги одбрјуваат последните секунди од старата година, беше во игра и синоќа, но виртуелно, односно пренесувано на телевизија.
Њујоршката полиција вчера уште од 15 часот ги загради приодите до Менхетен и забрани секаков сообраќај или пешаци до местото. Топката се крена кај 18 часот, и прославата, со музички настапи пренесувани во живо на телевизија, започна.
Настапија пеачите Андра Деј, Глорија Гејнор, Џими Ален, Машинган Кели и други. Прославата беше во чест на луѓето од првата борбена линија на фронтот со пандемијата признати како херои, за здравствените работници и клучните луѓе од првата помош и услужните дејности. Многумина од нив и учествуваа на прославата.
– Оваа Нова година всушност ќе биде најспецијална, најпотресна и најтрогателна, изјави синоќа градоначалникот Бил де Бласио, кој на минута пред полноќ го стисна копчето за старт на спуштањето на топката.
– Во 2021 година ќе им покажеме на луѓето како можеме да закрепнеме, да се вратиме назад, додаде тој.
Спуштањето на кристалната топка во Њујорк се случува од 1907 година, и досега беше одложено само за време на Втората светска војна во 1942 и 1943 година, поради прекин на струјата.
Откажана беше и втората важна прослава за Нова година во САД – спуштањето на морскиот полжав во барот Слопи Џо на Ки Вест, дел од архипелаг на островите Ки јужно од Флорида, поврзан со автопат, и се смета за најјужната копнена точка на САД. Таму владее тропска и карипска клима, а за новогодишните празници обично има многу народ.
Со уредба, градоначалникот на Ки Вест, Тери Џонстон, забрани секакви собири, и за Нова година на островот ефективно воведе полициски час.