„Многу нè има!“, се вели во објавата на здружението „Мир, слога, стабилност“ од Скопје во чија организација голем број Срби и Македонци со српско потекло од земјава заминаа за Белград, каде што вечерва треба да се одржи собирот што го организира српскиот претседател Александар Вучиќ, кој неговата власт го најавува како најголем во историјата, пренесува 360 степени.

Српската телевизија Н1 пред неколку дена објави репортажа од земјава по повод превозот на македонски државјани на митингот. Освен од Скопје, автобуси за собирот на Вучиќ ќе пристигнат и од Куманово и од други градови во Северна Македонија.

Претседателот на здружението пред камерата на Н1 негираше дека организира превоз, но на телефонскиот број оставен во огласот се даваа детални информации за местото на тргнување и за тоа дека ќе има бесплатни сендвичи и вода.