МВР го идентификуваше возачот на автомобилот кој влечеше врзан коњ во Скопје по вчерашното видео на кое реагираа граѓаните.

Во врска со видеото кое вчера (17.04.2025) беше споделено на дел од социјалните медиуми на кое се гледа како лице кое управува патничко возило „голф“ со скопски регистарски ознаки има врзано коњ за куката од возилото и така се движи низ градското подрачје, од страна на полициски службеници од СВР Скопје беа преземени мерки и активности со цел утврдување и документирање на сторител на кривично дело „мачење на животни“ предвидено и казниво по член 233 од Кривичниот законик.

Информираат дека по сите преземени мерки и дејствија, СВР Скопје го утврдил возачот на возилото, при што со него бил извршен службен разговор и известен е јавен обвинител, по чии насоки ќе биде изготвено известување до ОЈО Скопје со целокупниот документиран материјал, со цел понатамошно постапување.