Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска повторно се вклучи од Чаир на социјалните мрежи, од пред зграда на 12 ката за која вели дека е градена небезбедно, без проект, со обид да се прикаже дека е од 2011 година.

Арсовска рече дека објектот поседува нелегален приклучок на струја и нелегален приклучок на вода.

„Дрскоста оди до таму што денес копаат булевар за диво да се приклучат на водоводна и канализациона мрежа, демек во недела нема никој да ги фати, а на струја веќе див приклучок си направиле“, рече Арсовска.

Соопшти дека во зградата таа и инспекторите затекнале луѓе кои веќе живеат таму.

„Истите на лице место се закануваа на нашите инспектори од Град Скопје и им ги исекоа гумите со нож. Се работи за организирана кримнална банда“, рече Арсовска.

Најави дека во текот на утрешниот ден Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе добие уште еден предмет со илјадници страни фалсификати и злоупотреби од Општина Чаир. Инволвирани се, како што вели, повеќе функционери и вработени во општина Чаир.