Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, заедно со други организации, поднесе официјално барање до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за итно одземање на кучињата од битолското прифатилиште управувано од Л.С. (19), наведувајќи сериозни наводи за повеќегодишна запоставеност и нечовечко постапување кон животните.
Според соопштението на здружението, состојбата во прифатилиштето со години е состојба на преживување, а не на живеење. Од таму велат дека кучињата често останувале без храна и вода со денови, а кога добивале храна – тоа бил само леб. Наводно, водата била ретка дури и во летните горештини, а многу од животните биле болни, со видливи рани и инфекции кои не биле третирани.
Во соопштението се наведува дека животните не добивале ветеринарна нега, дека не биле стерилизирани и дека младенчињата кои се раѓале умирале за неколку дена поради глад, зарази или студ. Телата на угинатите животни, како што тврдат од здружението, останувале меѓу живите, распаѓајќи се или станувајќи храна за другите кучиња.
„Анима Мунди“ посочува дека постојат видеа и фотографии собрани од 2022 година до денес кои ја документираат оваа состојба, а дека и покрај редовните донации, условите за животните не се подобриле.
ВИДЕО на ЛИНКОТ
Здружението нагласува дека случајот не е изолиран, туку покажува како може да се злоупотреби довербата на граѓаните, здруженијата и донаторите. Со поднесеното барање до АХВ, доставени се докази, сведоштва и видео материјали.
„Нашата должност не е само да спасуваме животни, туку и да зборуваме кога тишината станува соучесник“, стои во соопштението.
Здружението додава дека животните мора да се згрижат под безбедни и хумани услови и дека ќе продолжи да бара одговорност за, како што наведува, долгогодишната негрижа.
Текстот (Видео) Анима Мунди бара итно одземање на кучињата од прифатилиште во Битола поради долгогодишна негрижа е превземен од МАКФАКС.























