Рано утрово пожарот којшто три дена гореше во атарот на општина Чучер Сандево е целосно изгаснат. Се уште се гледа чадење на некои места, но најверојатно потекнува од трупци коишто догоруваат, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.

Тој извести дека денеска фокус ќе биде гасењето на пожарот во околината на Дојран, над селото Николиќ, кој што се одвива на исклучително стрмен терен.

„Денеска го користиме хеликоптерот којшто во кратки налети од 3 до 4 минути, брзо и ефикасно го погодува пожарот, кој во моментов има само еден активен крак. На лице место се пожарникарите од Гевгелија и Валандово, како и доброволното противпожарно друштво од Дојран. Моја претпоставка е дека во наредните неколку часа овој пожар ќе биде ставен под целосна контрола и изгаснат“, изјави Ангелов.

Тој кажа дека покрај овој има уште еден активен непријатен пожар, на територијата на општина Македонски Брод, над фабриката „Самоков“, кадешто денеска ќе започне со дејствување еден „ер-трактор“ на ДЗС.

„Верувам дека со поддршка на авионот и овој пожар ќе биде ставен целосно под контрола“, додаде Ангелов.