Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, истакна дека ова лето државата е подготвена да се справи со пожарите, благодарение на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.
„Ова лето гранката нема да ми биде потребна“, рече Ангелов, алудирајќи на импровизираната одбрана од пожарите кога едно од ланските видеа на кои гасне пожар со гранка стана вирално на социјалните мрежи. Тој информираше дека државата располага со нови противпожарни ресурси распределени низ институциите и министерствата, како никогаш претходно.
„Дирекцијата за заштита и спасување во својата структура доби 18 прилагодени моќни теренски возила Пинцгауер (дополнително очекуваме уште 5) со резервоари од 1500 литри, 15 прилагодени оклопни транспортни возила БТР 80 со резервоари од 6 тона и 5 оклопни транспортни возила Хермелин со влечни цистерни од 2, 4, 6 или 8 тона. Сите 43 специјални возила се опремени или се опремуваат со моќни водни пумпи со домет на водниот млаз од 25 до 100 метри“, рече Ангелов.
На воениот полигон Пепелиште, во присуство на премиерот Мицкоски, потпретседателот Љупчо Димовски, министрите Тошковски и Мисајловски, градоначалникот Јанчев и други функционери, беше одржана демонстрација на противпожарните капацитети на новите возила.