Иднината се гради кога се градат мостови, а не кога се рушат. Ова за БГНЕС го изјави академик Христо Григоров, претседател на Бугарскиот Црвен крст (БЧК), коментирајќи ја заедничката работа со Црвениот крст на Македонија, пренесува Трибуна.

Акад. Григоров како пример ја посочи соработката меѓу двете организации по трагедијата во градот Кочани, каде пожар во дискотеката „Пулс“ одзеде десетици човечки животи.

„Бугарија и БЧК беа едни од првите што помогнаа. Да не дава Господ, ако нешто се случи кај нас, кој ќе ни помогне? Најблиските соседи – Македонците. Да одиме напред заедно, да бидеме обединети за да бидеме силни и да можеме да се справуваме со предизвиците околу нас. Ова е многу важно“, истакна акад. Григоров.

Тој ја подвлече важноста на заедничката работа меѓу двете хуманитарни организации.

„Кога имаме доверба и кога имаме една заедничка цел – да им помагаме на луѓето, тоа е она што нè обединува и нè прави посилни. А кога сме обединети, раката што ја подаваме на оние што се во неволја е многу посилна – таа не само што им помага, туку и ја враќа надежта за иднината“, додаде тој.

Акад. Григоров нагласи дека Црвениот крст на Македонија е еден од најважните партнери на БЧК.

„Тоа е еден од нашите најблиски партнери со кои одлично соработуваме. И ќе продолжиме да работиме не само со нив, туку и со сите останати. Соседите први помагаат. Да се помолиме да нема катастрофи и да градиме мостови и да одиме напред“, порача акад. Христо Григоров.