Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на отворање на новиот ски центар „Михајлово“ близу Кавадарци. Тој поминатата новогодишна ноќ ја оцени како мирна и безбедна.

„Што се однесува за изминатава вечер, на територија на целата држава новогодишната ноќ помина главно мирно. Безбедносната состојба на територија на целата држава за време на новогодишната ноќ беше стабилна. Уште еднаш сакам да изразам благодарност до полициските службеници кои беа на должност изминатава ноќ. Присуството на терен беше засилено и беа преземени координирани и насочени мерки за одржување на поволна безбедносна состојба. Имено, во периодот од 14.00 часот вчера до 05.00 часот денеска изутрина регистрирани се 29 кривични дела, како и 28 сообраќајни незгоди од кои 3 со тешки телесни повреди. Приведени се вкупно 33 лица по разни основи, а најмногу во врска со нелегална трговија со дрога – 14 лица. Им благодарам на сите граѓани кои што празнуваа, прославуваа одговорно така како што апелиравме и кои што придонесоа сите заедно да направиме новогодишната ноќ да помине мирно.“, истакна министерот Тошковски.