Полицијата попладнево морала да интервенира во кругот на прилепската болница „Борка Талески“.
По масовната тепачка што се случила пред општата болница во овој град, полицијата привела 13 лица.
Физичката пресметка била меѓу повеќе лица а со цел да ги смири полицијата, службено лице пукало во воздух.
На видео што го објави порталот „Маркукуле“ се забележува присуство на неколку полицикси возила пред прилепската болница.
Од полицијата го потврдија случајот.
„Денеска (19.09.2025) околу 12.00 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека пред Градската општа болница ,,Борка Талески“ во Прилеп настанала физичка пресметка помеѓу повеќе лица, кои употребиле дрвени и други предмети.
На местото биле испратени полициски службеници, но лицата не постапиле по нивните наредби да престанат, по што еден од нив испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол.
Во Полициска станица Прилеп се приведени 13 лица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави“.