Ќе се гради нов мост кај Башино Село, на местото на постојаниот кој бил изграден во 1971 година од тогашната Армија.
Премиерот Христијан Мицкоски се извини на велешани бидејќи, како што рече, во претстојнинот период за жал ќе има зголемен сообраќај низ Велес и нема да може да се користи овој мост.
„Навистина жалам што ова мора да се случи но, подобро да ние примиме некој политички куршум, отколку да не дај боже загубиме човечки живот, 53 години за жал ништо, 54 година ништо не се направило“, рече Мицкоски.
Донесен е заклучук во кој се наведува дека се забранува секаков вид на сообраќај на овој објект, бидејќи конструкциите се од висок ризик, а уништени се бетонската конструкција и арматурата.
„Во врска со прекин на сообраќај во близина на с.Башино Село, кај мостот, во 14:40 часот сообраќајот е во целосен прекин и истиот ќе биде во прекин подолг временски период“, објави попладнево АМСМ.
Експертите уште во септември 2018 по извршените испитувања констатирале дека столбовите на мостот се напукнати, носечката арматура е сериозно оштетена од корозија со годините и има одводнување на мостовската конструкција. Истата година, Општина Велес најави дека ќе побара од Владата во плановите за инвестиции да предвиди изградба на нов мост.
Неколку министри за транспорт и врски, меѓу кои и поранешниот министер Благоја Бочварски, ветуваа изградба на нов мост, а состојбата остануваше непроменета. Бочварски една година по најавата за изградба за нов мост рече дека дека биле распишани два тендера за проект, но двата биле неуспешни.