Сите балкански народи ја препознаваат великосрпската политика, само не и македонските „патриоти“. Тие се хипнотизирани од неа.

Ова го изјави за БГНЕС во Битола поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски, пренесува Трибуна.

На прашањето дали премиерот Христијан Мицкоски и врти грб на Европската унија, поранешниот премиер одговори дека не може да ги разбере некои стратешки одлуки на владата.

„Тука се промовира тезата дека Европската унија нема да се проширува, а во исто време гледаме постојани изјави дека Албанија и Црна Гора ќе влезат во ЕУ до 2028 година. Дејствата кои ја оддалечуваат Македонија од европскиот пат може да донесат негативна атмосфера во ЕУ“, рече Георгиевски.

Тој ја истакна моќната реторика против чествувањето на заедничката историја на РС Македонија со Бугарија, а во исто време се слават српски празници, без историска комисија, без договор, без закон, без транспарентни информации.

„Интересно е што не се одбележува историјата меѓу Македонија и Србија во Титова Југославија, туку онаа во рамките на Кралска Југославија, каде што Македонците не се нарекувале Македонци, туку „јужни Срби“, а Македонија – „Стара Србија“, потсети Георгиевски.

Тој посочи дека моментално наративот е насочен кон омраза кон Бугарија, што работи во корист на Србија. На пример, масовно се обновуваат плочи против „бугарашите“ и „бугарските фашисти“. Се одбележуваат победи против „бунтовници“, кои всушност биле дејци на историското ВМРО.

„Ова се парадокси за еден здрав ум, но македонскиот патриотизам молчи. Најинтересно е кога и самите Срби не нарекуваат Бугари“, коментира Георгиевски.

Во врска со заемите од Кина и Велика Британија, тој рече:

„Секој заем, доколку се искористи разумно за инфраструктура, за големи проекти, сигурно може да донесе сериозен раст на БДП. Но од тоа што сум слушнал досега, нема такво нешто. Гледам дека луѓето упорно зборуваат за таа брза железничка линија од Коридорот 10. Но не гледам дека Србија и Грција работат на тоа. Се плашам дека на крајот само ќе се потрошат многу пари. Дури и не знаеме точно каде ќе поминува трасата. Има многу нејаснотии. Најмалку 10 приоритети во земјата може да се реализираат со такви пари.“